X
 11.08.2020 Образование

Времето нѐ згази за новата учебна година. Камиони веќе возат со 200 км на час, а ние треба да преминеме од другата страна

Министерството за образование и наука сѐ уште создава модел, многу време е изгубено. Сепак, ако се сака, сѐ може да се направи. Некогаш, од некаде мора да почнеме, вели Владислав Бидиков, систем-инженер од ФИНКИ

„Времето нѐ згази. Сега камионите веќе возат на автопат со 200 км на час, а ние треба да преминеме од другата страна. Веројатно ќе нѐ удрат најмалку 5 камиони. Ама од некаде мора да почнеме“, вели Владислав Бидиков, систем-инженер од Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Тој беше еден од петтемина учесници на онлајн-дебатата на тема „Какво образование нѐ чека од 1 септември. Ќе тргнат ли децата на училиште“, која ја организираа Факултети.мк и Деца.мк уште на 9 јули. Во дебатата учествуваа Елизабета Наумовска, заменик-министер за образование и наука, Кирил Барбареев, професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Александра Максимовска-Стојкова, професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Ана Попризова, училиштен психолог во скопската гимназија „Орце Николов“. Бидиков уште тогаш рече дека постои техничка можност за 40 дена да се направи и да се постави солидна платформа за вистинска онлајн-настава, но мора веднаш да се почне. Сите учесници се согласија дека во ситуацијата со Ковид-19 трошењето на времето е луксуз.


Учесниците на онлајн-дебатата

- Министерството за образование и наука сѐ уште создава модел, многу време е изгубено. Сепак, ако се сака, сѐ може да се направи. Некогаш, од некаде мора да почнеме – вели тој.

Бидиков има темелни познавања за состојбите во училиштата во Македонија. Во рамки на проект пред 15 години ги посетил сите основни и среди училишта во земјава и точно знае кое со какви капацитети располага. Сепак, загубено е драгоцено време за подготовките за новата учебна година. Парламентарните избори не треба да бидат оправдување затоа што основните и средните училишта се под ингеренции на локалната самоуправа.

- Не можам да препорачам дали школите треба да се отворат за физичка настава. Случувањата во Охрид пред десетина дена треба да ни укажат каков однос да се очекува. Претежно тоа беа средношколци од 3. и 4. година. После сѐ, сите карантини, затворањето на училиштата, полициските часови, ако ова е нивата дисциплина во однос на опасната зараза со која сме соочени, што да се очекува од помалите ученици? – прашува Бидиков.

МОН ниту денеска не донесе одлука за почетокот на учебната 2020/2021, иако Комисијата за заразни болести даде насоки и подготви протоколи. Но, дециден е дека државата мора да има план за различни сценарија.

- Има основни училишта со малку одделенија, но што со големите средни училишта, кои веќе имаат настава во две смени? Ако почне настава со физичко присуство во септември, како ќе продолжи ако во октомври мора да се затворат училиштата? Како понатаму? Имаат ли сите училишта добри компјутери и интернет, па ако наставникот нема услови од дома, од училница да држи онлајн-настава во реално време? На колку деца им е потребна помош од уреди и интернет за да можат да следат ваква настава? – објаснува Бидиков.

Тој е категоричен дека е потребна онлајн-платформа која ќе биде функционална и за целосна онлајн-настава, и за хибриден модел, и за настава со физичко присуство (може во секое време да им се најде и на учениците и на наставниците).


Владислав Бидиков / Извор: Youtube

- Само така хибридниот модел ќе биде динамичен и ефикасен. Има луѓе во Македонија кои може да го направат ова како што треба. Но, не можеме сосила да го направиме - вели Бидиков.

На прашањето за колку време може да се стартува тој систем, Бидиков вели дека за 1 до 1,5 месец може да се постави и да почне да се пополнува со наставни содржини. Но, потребни се човечки ресурси да се посветат на таа работа, а тие не се неограничени - имаат и други обврски. Најважно од сѐ, е-дневникот мора да биде веќе пополнет, со имиња на ученици и наставниците, со поделба на предмети, за да има од каде системот да црпи информации.

- Има педантни наставници кои сѐ внесуваат навреме, но има и такви што кон крајот на годината ги пополнуваат е-дневниците. Тука одговорните ќе мора да пресечат. Јас сум свесен дека нашето образование е еден многу комплексен систем. Но, овој проблем не е нерешлив. Бара време, динамика и тимска работа – вели Бидиков.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование