X
 25.08.2017 Наука

Халуцинациите се почести отколку што мислиме

Сигурно ви се случило некогаш да слушнете одреден глас или да видите нешто што одеднаш ќе исчезне. Оние на кои ова често им се случува не сакаат да признаат. Тоа е така затоа што халуцинациите генерално се сметаат како знак за сериозна ментална болест. Но, неодамнешно истражување открива дека и нормалните луѓе можат да имаат халуцинации.

Се верува дека постои расцеп помеѓу психотичните и невротичните нарушувања. Првите се абнормално размислување кое може да вклучува халуцинации и заблуди. Халуцинациите подразбираат гледање, слушање, чувствување или мирисање на нешта што не се всушност присутни, а заблудите се верувања кои се фиктивни и невистинити.

Примери на психотични нарушувања вклучуваат шизофренијата и граничното растројство на личноста. Додека, пак, невротичните се состојби како анксиозност и депресија. Според податоците, речиси 20% од Американците страдаат од некаков вид ментално нарушување. Па така, едно од пет лица има халуцинации во одреден момент од животот. Мала студија спроведена во Нов Зеланд открива дека можеби е нормално да се има одреден тип нарушување во некој период од животот, и тоа на возраст од 11 до 38 години. Дури е и необично ако некој не искуси такво нешто.

Експертите што спровеле анализи велат дека треба повторно да се размисли за поврзаноста помеѓу слушањето гласови и менталното здравје. Додека некои луѓе можат да искусат лажна перцепција за нешто, како слушање на сопственото име во јавност по грешка, халуцинациите и заблудите се подетални, на пример, слушање гласови кои никој друг не ги слуша или, пак, верување дека некој друг го презема вашиот мозок, сметаат истражувачите.

Искусувањето халуцинации повеќе пати спаѓа во рангот на нормалното. Такви појави се и многу веројатни во тежок период од животот. Во студијата учествувале 31.000 луѓе од 19 различни земји. Научниците анкетирале случајно избрани луѓе во одредена заедница. Имало изненадувачки откритија. Жените биле посклони кон аудитивни халуцинации отколку мажите. Исто така, жителите од побогатите земји биле посклони кон слушање работи што не биле присутни отколку од посиромашните земји.

Истражувачите, исто така, ги анализирале податоците од анкета спроведена во 2007 година која вклучувала 7.403 испитаници од Англија, претставници на двата пола, на возраст над 16 години. 4,3% од нив имале халуцинации во текот на претходната година. Вакви случаи имало и кај оние што имале психолошко нарушување и кај оние што немале.

Анализите помагаат за намалување на стигматизацијата во врска со халуцинациите. Истражувачите сакаат да откријат и што значат самите халуцинации, дали се показател за некаков тип нарушување и ако е така, дали е вредно да се преземе одредена интервенција или не.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука