X
 13.08.2026 Наука

По една година лутање низ вселената, дел од ракета удри во Месечината - научниците открија траги од сударот

Иако астрономите ширум светот со големо нетрпение очекуваа да забележат редок настан -  удар на ракета на површината на Месечината, тој момент помина без ниту една снимка. Сепак, научниците успеаја да пронајдат други докази кои потврдуваат дека сударот навистина се случил.

На површината на Месечината удри вториот степен од ракетата „Фалкон 9“ на компанијата „Спејс екс“, кој по завршувањето на својата мисија останал да патува низ вселената со брзина од околу 8.700 километри на час.

Научниците се надеваа дека за првпат ќе го регистрираат блесокот од ударот, но тоа не се случи. Сепак, неколку минути по очекуваниот судар, истражувачите регистрираа траги од натриум и литиум ослободени од површината на Месечината и од остатоците од ракетата.

Вториот степен од ракетата „Фалкон 9“ беше лансиран минатата година, но поради големата маса потроши повеќе гориво од вообичаено и не можеше безбедно да се врати во атмосферата. Повеќе од една година гравитацијата постепено ја менуваше неговата патека, сè додека не го насочи директно кон Месечината, каде што создаде кратер широк околу 18 метри.

Иако моментално на социјалните мрежи се шират видеозаписи од овој настан, експертите предупредуваат дека станува збор за лажни снимки, бидејќи дури ни најмоќните телескопи не успеале да го забележат самиот судар.

Овој настан повторно го отвори прашањето за вселенскиот отпад. Научниците предупредуваат дека ваквите случаи не смеат да станат вообичаени и дека ќе биде неопходно усвојување построги меѓународни прописи за комерцијалните компании.

Сепак, некои истражувачи потсетуваат дека Месечината има милиони слични природни кратери, па овој судар нема да остави значајни последици. Напротив, тој би можел да им понуди драгоцени податоци за тоа како настануваат кратери при удари.

Извор: Nova.rs
Фото: Magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука