X
 25.08.2017 Живот

Пет добри книги за психологија

Во текот на последните години книгите на популарната психологија доживеаја вистинска експанзија. Цели оддели во библиотеките и книжарниците се посветени токму на нив, па на читателите не им е лесно да се снајдат доколку сакаат да навлезат во тој свет. Од класични книги до новитет во ова подрачје, ова е листата со 5. најдобри книги за психологијата.

1. Сигмунд Фројд – „Толкување на соништата“

Оваа книга на Фројд е и тоа како популарна. Секако, оној што сака подетално да се запознае со Фројдовите идеи и психоанализата мора да посегне и по другите негови книги, како на пример „Вовед во психоанализа“.

Фројдовата идеја дека соништата се начин на кој несвесно излегува на површина внатрешната состојба е една од најреволуционерните во психологијата. Соништата, според Фројд, претставуваат искривено исполнување на нашите несвесни желби. Бидејќи луѓето секогаш биле интригирани од своите соништа, многумина ја користат неговата книга како водич за разбирање на она што се сонува, со помош на интерпретација.

Ако ве фасцинира природата на соништата, тогаш сигурно ќе уживате во книгата, дури и ако не се согласувате со она што тој го тврди.

„Соништата се најчесто најдлабоки тогаш кога изгледаат најлуди“.

2. Карл Густав Јунг – „Човекот и неговите симболи“

Многу од книгите на Јунг можат да му бидат од помош на модерниот човек во неговата потрага по себеспознавање. Ова е неговата последна книга, па претставува своевидна синтеза на неговите идеи. Јунг објаснува неверојатно влијателна теорија за симболизмот што се прикажува во соништата.

Меѓутоа, појавата на симболи не е резервирана исклучиво за соништата. Симболите можат да се јават во секојдневниот живот, обичните случки. Јунг тука зборува за она што е необјасниво на сосема нов начин.

„Јас кружам околу сликите на сонот и го игнорирам секој обид на оној што сонува, од тоа да се оттргне“.

3. Ерих Фром – „Умешноста во љубовта“

Авторот говори за љубовта како за активност во која е потребна умешност која се стекнува со долготраен напор и труд. Така што, љубовта не доаѓа случајно. Фром не дава едноставни совети и готови упатства за стекнување љубов. Напротив, човекот мора постојано да работи на себе и да се развива, за да може да ја прифати љубовта и со неа да владее. Книгата може да ни помогне да дадеме одговор на прашањето: Дали љубовта е возможна во модерниот свет?

Преку книгата, тој сака да го увери читателот дека сите негови настојувања околу љубовта сигурно ќе пропаднат ако најактивно не се обиде да ја развие целокупната негова личност, за да постигне продуктивна ориентација – дека задоволството во индивидуалната љубов не може да се постигне без способноста да се сака својот близок, без вистинска понизност, храброст, верување и дисциплина.

Фром тврди дека луѓето се гладни за љубов и дека не ја сметаат за неважна, но ретко кој помислува дека треба да научи нешто за љубовта.

4. Јелена Пантиќ – „Патување во средината на срцето“

Јелена Пантиќ е психолог од Нови Сад и на интересен начин ја обработува темата за која пишува и Ерих Фром – начинот на живот на модерниот човек и можноста за љубов во современиот свет. Книгата зборува за емоциите што можат да инспирираат и мотивираат на акција и дејствување.

„Само кога ги цениме малите работи и чекори, спремни сме и способни за големи цели“.

5. Спенсер Џонсон – „Кој го здипли моето сирење?“

Басните преку алегорија уште од детството ни пренесуваат пораки и поуки. Книгата на Џонсон зборува за тоа како треба да се избориме со промените на професионален и на приватен план.

Книгата е привлечна поради нејзината едноставност. Може да ја читаат и деца и возрасни. Две глувчиња и две човечиња живеат во лавиринт и се во потрага по сирењето кое е одговор на сето она што им е потребно во животот. Сирењето претставува добра работа, висока плата, успешна кариера, љубовна врска, здравје, хармонија.

Но, не е баш лесно да се пронајде сирењето во лавиринтот.

„Побезбедно е да се лута низ лавиринт отколку да се остане таму каде што нема сирење“.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот