X
 26.03.2018 Живот

Интервју со д-р Ранко Рајовиќ: Презаштитувањето и недоволното движење, а многу игри на мобилен се пречки за правилен развој на децата

„Најдобро учење е она кога детето и не сфаќа дека учи, т.е. кога си игра“, „Родителот мора да направи рамнотежа и да постави правила“, се само два од советите на д-р Ранко Рајовиќ во интервјуто за Факултети.мк. Стручњакот за детска интелигенција, како што го нарекуваат, е роден во 1964 во Белград. Специјалист е за интерна медицина и е член на четиричлениот комитет на светската МЕНСА за надарени деца. Се занимавал со научноистражувачка работа од областа на невроимунологијата, а стекнатите искуства, како и работата во комитетот за надарени деца, придонеле за составување единствена програма за развој на интелектуалните способности на децата.

Вие сте основач на НТЦ системот за учење – програма за едукација на родители, воспитувачи и наставници, која е поврзана со развојот на креативното учење и размислување. Што покажува Вашето искуство, зошто им е потребна таа едукација?
- На родителите им е потребна дополнителна едукација бидејќи опкружувањето силно влијае врз развојот на детето, а гледаме дека тоа опкружување постојано се менува. Истражувањата покажуваат дека бројот на пречките во развојот е во пораст, многу деца имаат нарушувања во говорот, моторички се послаби, а подоцна во училиште не можат да учат, не можат да паметат, концентрацијата им е слаба, сè почесто се поставува дијагноза АДХД (синдромот на недостиг на внимание и хиперактивност - н.з.), импулсивни се, имаат низок праг на толеранција, се зголемува агресивноста. Тој тренд е негативен и ако не се преземе нешто, ќе имаме сè повеќе деца со слични проблеми. Родителите не прават грешки намерно или злонамерно. Најмногу од тие грешки, всушност, се прават или произлегуваат од добрата намера на родителот и од потребата да го заштити своето дете. Сè повеќе деца го губат чувството на одговорност, презаситени се, сè им е дозволено и губат ориентација и го превртуваат системот на вредности.

Работам со наставници и со родители во над 20 европски држави, предавам на педагошките факултети каде што идните педагози, воспитувачи и наставници ги учам на нови методи кои се подобри, поефикасни и поедноставни за примена, а детето тие методи ги доживува како игра, така што реакцијата кај сите е позитивна.

Кои се најчестите грешки на родителите при работата со децата?
- Во целиот процес на растење на детето најважни се родителите бидејќи тие поминуваат најмногу време со децата. И често прават грешки од незнаење. На пример, родителите често ја држат главата на бебето како да се работи за транспорт на пациент, при што главата е фиксирана и не може да се помести ни лево ни десно, ниту за еден сантиметар. Тоа е грешка, особено во првите 30 до 60 дена по раѓањето бидејќи бебето со мрдањето на главата ги поврзува мозочните структури за координација на движењето на рамењата, вратот и главата. Последица на тоа фиксирање на главата се гледа подоцна кога во училиште детето има проблем со пишувањето. Родителите често велат дека така ја фиксираат главата на бебето бидејќи така им кажал педијатарот. Тоа, секако, не е точно. Педијатарот советува да се држи главата на детето, а не да се фиксира. Родителите секогаш прават малку повеќе од она што треба да го направат со цел да го заштитат своето бебе, а тоа „малку повеќе“ всушност е грешка. Можеби би било најдобро родителите да добијат совет да ја придржуваат главата на бебето.

Има многу грешки што се прават во периодот до тригодишна возраст на детето, а една од честите грешки е кога детската соба за девојчињата се прави розова, а за момчињата сина. Имав едно предавање на кое една мајка рече: „Уф, добро е, ние за бебето подготвивме портокалова детска соба“. Секако, и тоа е грешка, бидејќи првите 30 дена од раѓањето бебето гледа матно и ги препознава само контрастите, па поради тоа најдобро е во тие први 30 дена неговата соба да има контрасти. Контрастите се важни за развојот на мозокот, па затоа е потребно да се едуцираат родителите за да се избегнат непотребните грешки.
Како помош за родителите напишав две книги: „IQ на детето – грижа на родителите“ и „Како со игра да се развие детскиот IQ“, а отворив и интернет-страница на македонски јазик (www.ecc.mk) каде што родителите можат да најдат корисни совети и линкови до моите предавања.

Што мислите, зошто се зголемува бројот на деца што имаат тешкотии или проблеми во развојот?
- Еден од факторите е генетиката, но генетиката не може да објасни зошто има сè повеќе деца со развојни пречки. Тоа се гледа и во градинките и во училиштата. Од наставниците често слушам дека децата не можат да слушаат, дека не можат да седат, не можат да сметаат, дека секоја следна генерација е послаба од претходните две. Затоа направив едно големо истражување во кое беа вклучени над 800 наставници и од нив добив информации за овој проблем. Заклучокот од таа студија е дека денес децата се послаби од оние од пред осум или повеќе години, пред сè, моторички, а потоа и во други параметри, во задржувањето на вниманието и во концентрацијата. Во денешно време гледам три доминантни проблеми – презаштитување, недостиг на движење и претерано користење на новите технологии.

Родителите претерано ги заштитуваат децата?
- Детето во првите години постојано учи. Формалното учење и образование како што го знаеме доаѓа подоцна, но дотогаш детето ја научило најтешката лекција, и тоа низ игра и спонтано. Ретко кое дете на шест години ќе ја стави раката во чаша со врел чај или непромислено ќе потрча по мраз. Тоа ќе биде многу повнимателно во такви ситуации не затоа што родителите 100 пати му повториле нешто туку затоа што дотогаш многупати паднало – на рамно, на угорнина, на скали, во вирче, на земја, на трева, на плочки. Тоа, иако не е свесно, научило како се поминува преку секоја од тие површини, со која брзина, како да го држи телото и како да оди по тие површини. Дури и ако почне да паѓа, тоа вешто ќе го направи. Барем така треба да биде, но знам дека бројот на необични повреди при паѓање на децата е сè поголем. Детето што ќе падне на седумгодишна возраст и ќе си ги скрши забите, а притоа нема да си ги изгребе ниту дланките, не научило да паѓа. Тоа секако не е негова грешка, туку проблемот е во тоа што е доцна вакви основни работи да се учат на седумгодишна возраст. Токму од таа причина презаштитувањето може да се вброи во најголемите грешки што родителите добронамерно можат да ги направат. Тука се и неограниченото користење на модерната технологија, генерално неможноста да му се постават граници на детето, негово недоволно движење, неизбалансирана и нездрава храна, заспивање во доцните часови, премногу обработена храна...

Модерната технологија и видеоигрите одамна се прогласени за опасни за детскиот развој. Меѓутоа, очигледно е дека не можеме целосно да им ги забраниме на децата. Каде е границата за нивната употреба?
- Играњето видеоигри од најраното детство почнува да има епидемиолошки размери. При играњето на тие видеоигри мозокот работи поинаку, импулсите кои се менуваат се многу брзи, а тоа не одговара на денешната еволуција и на природното развивање на мозокот. Како да ѝ свртивме грб на природата, а децата плаќаат висока цена поради тоа, бидејќи ние сме дел од природата и нашиот развој зависи од опкружувањето во кое растеме. Децата сè почесто одат во виртуелен свет и таму поминуваат еден до два часа дневно. На тој начин го намалуваат времето за трчање, за скокање, односно за обична детска игра. Детето се врзува за компјутерот, за таблетот, за мобилниот телефон или за видеоиграта бидејќи тоа станува извор на стимулација, таму доживува среќа, исчекување, тага, радост, добро расположение и затоа се обидува да помине што повеќе време во тој свет.

Проблемот кој е тесно поврзан со претераното користење на новите технологии е недостиг на движење. Потребно е да се направи рамнотежа и да се постават правила. Секој родител мора да направи граници за кои смета дека се најдобри за неговото дете.

Ако сакате да имате малку работа околу детето, оставете го неколку часа со уредите од модерната технологија и речиси и нема да го забележите. За жал, многу родители во моменти на умор, расеаност и грижи, дозволуваат, па дури и поддржуваат такво однесување на децата. Сето тоа до некаде е во ред, но само ако времето за користење на тие модерни уреди е ограничено или сè додека не премине во навика. Краткорочно гледано, употребата на модерната технологија може многу да го олесни родителството. Меѓутоа, колку повеќе дозволуваме таа модерна технологија да ни го олесни родителството, толку повеќе таа иста модерна технологија, со текот на времето, ќе донесе многу тешкотии, пред сè на нашите деца, а на тој начин и нам.

Секое време има свои предизвици и ако знаеме како да се носиме со нив, тие предизвици се претвораат во насоки на тоа како да дејствуваме, а не во камења за сопнување. Една стара поговорка вели дека грешките создаваат искуство, а искуството е почетокот на мудроста. Секако, секогаш е подобро да се има некаква едукација за родителство, мајките и татковците навреме да дознаат што ги чека и како да се постават при одредени проблеми. На тој начин ќе знаат како да реагираат и навреме да ги спречат последиците, а не да учат на сопствените грешки. Важно е да се сфати дека нашето опкружување е многу сменето, бројот на случувања во текот на еден ден е зголемен во споредба со периодот од пред 20, 30, 40 години, а опкружувањето влијае врз развојот на мозокот, особено во првите пет години од животот на детето. Поради тоа, родителството станува сè посериозно. Сериозно беше и порано, но денес е сè потешко да се поправаат пропустите на родителите.

Како моторичкиот развој влијае врз когнитивниот?
Тие се тесно поврзани бидејќи моторичкиот развој влијае врз поврзувањето на различни регии на мозокот, а тоа влијае врз развојот на когнитивните способности. На пример, живите суштества што не се движат, како што се цвеќињата, немаат нервни клетки. Најкомплексниот нервен систем го има човекот, па според тоа, нашата основна карактеристика - исправеното одење и движење - дефинитивно влијае врз развојот на нервниот систем. Затоа многу се важни трчањето, скокањето и сите оние активности што отсекогаш биле составен дел на детството и растењето. За жал, опкружувањето и околностите се менуваат, па некако овој важен сегмент од развојот на детето се запоставува.

Кога почнува одговорното родителство?
- Одговорното родителство почнува уште во бременоста. Трудницата мора да внимава што јаде, да избегнува цигари и алкохол и сè друго што може да биде штетно за развојот на фетусот. Сето тоа порано беше некако поприродно, опуштено, а нашите родители нè одгледуваа без некои поголеми проблеми. Меѓутоа, денес тоа станува сè потешко бидејќи околината и опкружувањето се менуваат, а тоа влијае врз развојот на бебето, па родителите мора да се едуцираат во училиштата, во градинките, во советувалиштата, преку медиумите... Ако имаме неедуцирани родители, може да ни се случи сè повеќе да ни се зголемува бројот на деца со пречки – нарушувања на говорот, рамни табани, нарушувања при држењето на телото, слаба концентрација, неможност за учење, сметање или пишување, потоа пораст на примитивните рефлекси...

Велите дека интелигенцијата не е наследна, туку се наследува потенцијал. Што значи тоа?
- Ние од родителите го наследуваме бројот на неврони, и тоа е потенцијал. А како тие неврони ќе се поврзат, зависи од опкружувањето. Значи, важни се и едното и другото. На пример, мозокот кај децата што се родени во џунгла ќе биде функционален во тоа опкружување, а мозокот на децата родени на Арктикот ќе биде функционален во тоа опкружување. Најдобро тоа да го објаснам вака: на пример, празната чаша е потенцијал (може да биде голема или мала), а количеството вода што го собира во чашата е интелигенција.

Како таа се развива низ игра?
- Интелигенцијата е снаоѓање, поврзување, донесување одлуки, а сето тоа постои во играта. Така, играта е важен фактор во развојот на детето. За жал, имаме сè помалку играње со движење, детските игралишта и парковите се празни, а се зголемува бројот на игри и активности пред екраните. Мора да нагласам дека не сум против новата технологија, но мора да постои граница и тука родителите повторно се најважни бидејќи треба да знаат дека детето не смее со часови да седи пред компјутер или да гледа телевизија.

Како најдобро учи детето?
- Најдобро учење е она кога детето и не сфаќа дека учи, т.е. кога си игра. Сите НТЦ методи личат на игра, а тоа го препозна и светската МЕНСА и во 2016 година ни додели годишна награда за НТЦ програмата, за придонес кон развој на човештвото. Организираме кампови во сите поранешни југословенски републики, отвораме НТЦ центри во сите поголеми градови, па им помагаме на децата да учат и да работат на еден поинаков начин, кој личи на игра. Тие се задоволни, полесно учат на училиште, подобро паметат, имаат подобри оценки и, она што е посебно важно, им се развива самодовербата.

Ако децата сакаат да учат, зошто на многу од нив училиштето им е голем стрес?
Децата природно сакаат да учат и секогаш кога ќе научат нешто ново тие се среќни. На пример, кога ќе научат да одат, децата се среќни. Кога ќе научат да возат велосипед, децата се среќни. Исто така, среќни се кога ќе појдат на училиште и веќе по две-три години не се толку среќни. Нормално, децата никогаш не се виновни, па грешката е во нешто друго. Според мене, тоа е репродуктивниот систем, а познато е дека репродуктивниот начин на учење не е во согласност со физиологијата. Мозокот работи поинаку, па потребно е да ги менуваме начинот на учење и работата со децата за да им помогнеме да работат во согласност со физиологијата. Во тоа и е предноста на НТЦ системот за учење и затоа имаме повици од цел свет. Моментално работиме во 28 држави во Европа, а во седум имаме акредитации од министерствата за образование, па така НТЦ програмата полека, но сигурно влегува во училиштата и во градинките низ Европа.
Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот