X
 26.05.2022 Наука

Зошто има сѐ помалку светулки во лето?

Ако се сеќавате дека сте виделе повеќе светулки во летните ноќи како дете отколку како возрасен, може да претпоставите дека е виновна вашата несигурна меморија. Но, тоа не е случај; навистина светулките биле почести пред неколку децении отколку денес, а нивниот број продолжува да се намалува.

Светулките се жртви на пошироката апокалипса на инсекти што влијае врз екосистемите низ целиот свет. Засегнати се и инсекти како муви, молци, пчели и бубачки.

Доказите укажуваат на намалување на популацијата на светулките со години, а неодамнешните податоци ги поткрепуваат овие набљудувања. Извештајот од 2021 година од „Ексерсес сосајети“, „Еј-би-кју Биопарк“ и „Ај-ју-си-ен фајрфлај спешалист груп“ покажува дека 14 од 128 проучувани видови Lampyridae се изложени на ризик од исчезнување.

Според непрофитната организација „Фајрфлај конзервејшн & рисрч“, светлосното загадување и губењето на живеалиштата се најголеми закани за инсектите. Експертите се сомневаат дека вештачката светлина се меша со биолуминисценцијата што светулките ја користат за да комуницираат и да најдат партнери.

Можеби се мали, но инсектите — вклучувајќи ги и светулките — имаат витална улога во нивната околина. Само поединечно дејство нема да биде доволно за да се промени апокалипсата на инсектите, но постојат чекори што можете да ги преземете за да им помогнете на светулките во вашиот двор.

Наместо да ги чистите старите трупци од вашиот двор, оставете ги да скапуваат. Дрвото што се распаѓа може да биде дом за младите светулки во првите две години од нивниот живот. Исклучувањето на светлата во текот на ноќта и додавањето вода на тревникот, исто така, ќе го претворат вашиот имот во погостопримлива средина за овие инсекти. И на крај, засадете растенија во вашиот двор без да користите пестициди. Ова ќе ги поддржи светулките, како и другите инсекти.

Извор: Mentalfloss.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука