X
 26.06.2018 Образование

Сенаторите на УКИМ цел ден расправаат за измените во Статутот

Дел од професорите на универзитетскиот Сенат на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ реагираат на содржината на новиот предлог-статут на УКИМ, за кој сѐ уште трае расправата во Ректоратот. На денешната седница се гласаат измените во постојниот Статут заради усогласување со новиот Закон за високо образование.
Професорите преку амандманска расправа интервенираат во текстот на Статутот. Изнесени беа околу 30 предлози за измени на нацрт-статутот. Повеќе од нив беа изгласани и беа прифатени.

Забелешка имаше за членот 201, со кој проректорите се избираат од страна на Ректорската управа. Проректорот Владимир Петрушевски смета дека Сенатот треба да ги избира проректорите, а не Ректорската управа.



Сенаторката Маја Стевановиќ од Факултетот за драмски уметности ни изјави дека повторно не се разјаснети работите околу автономијата на факултетите.
- Кога немате Наставно-научен совет и немате гласање по одредени заклучоци, ништо никого не обврзува. Па така деканите во некои случаи си правеле сами селекција на забелешки кои професорите ги праќале и ги препраќале во име на единицата на факултетот само оние забелешки што ним им се допаѓале. И покрај тоа што многу професори се изјасниле дека сакаат да бидат правно лице, деканите на Ректорска гласале за тоа да нема можност во Статутот да изберат понатаму дали да бидат правни субјекти или не – вели Стевановиќ.

Имаше забелешки околу технички грешки, недоволно објаснети членови и ставови.
- Во Законот за високо образование не е определено како да се извршат измените во Статутот и морам да нагласам дека има голема правна празнина. Зошто ако Ректорската управа го разрешува ректорот, Сенатот да треба да избира и да разрешува проректори – рече професорот Борче Давитковски од Правниот факултет.
Расправата за измените во Статутот сѐ уште трае.
Подготвил: Теодора Цветковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование