Со колкав буџет на годишно ниво Република Македонија го финансира лекторатот по македонски јазик во Унгарија. Лекторот Златко Панзов одговара: „Буџет?!...“
Платата што ја добивам од Македонија е на ниво на социјална помош во Унгарија. Не гледам никаква поддршка или интерес за лекторатите и воопшто за македонскиот јазик. Не можеме да очекуваме некој друг да се грижи за нашиот јазик и неговата афирмација, вели Златко Панзов, лектор во лекторатот по македонски јазик во Будимпешта.
Златко Панзов
Со неколку претставници од лекторатите по македонски јазик во европските универзитетски центри разговараме за состојбата во која се наоѓаат овие институции, чија првенствена цел е промоција и афирмација на македонскиот јазик и култура. Тие се дел од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, односно Семинарот за македонски јазик, литература и култура. Во минатото беа помногубројни, а денес во Европа има десет лекторати по македонски јазик – Албанија, Полска (два лектората), Романија, Русија, Турција, Унгарија, Франција, Чешка и во Хрватска.
Недостигаат учебници, стручна литература, технички помагала...
Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта дејствува во рамките на Институтот за славистика и балтичка филологија при Универзитетот ЕЛТЕ, Будимпешта, Унгарија.
Панзов објаснува дека лекторатот паузирал повеќе од една година и не се изведувала настава по македонски јазик. Со неговото повторно заживување, во летниот семестар 2017/2018 за македонистика се заинтересирале пет студенти и посетувале часови по македонски јазик.
- Секако, интерес постои и сметам дека бројот на студенти ќе се зголемува – вели Панзов.
Од гостувањето на писателката Румена Бужаровска (прва од десно) во лекторатот по македонски јазик во Будимпешта
На прашањето со колкав буџет на годишно ниво Република Македонија го финансира лекторатот, Панзов одговара:
- Буџет?! Лекторите по македонски јазик се делегираат и се под надлежност на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Од страна на Република Македонија добиваме плата од 200 евра месечно. Тоа е сè. Тоа е најнискиот надомест што некоја земја му го дава на сопствен лектор, промотор на сопствениот јазик и култура. По правило земјите на условно кажано малите јазици вложуваат повеќе средства за нивно афирмирање, но тоа не е случај со Македонија – вели Панзов.
Тој не е задоволен бидејќи не гледа никаква поддршка или интерес за лекторатите, и воопшто за македонскиот јазик и неговата промоција и афирмација по европските и светски универзитетски центри. Недостигаат учебници, стручна литература, технички помагала за осовременување на наставата, поддршка за учество на научни конференции и други настани, поддршка за организирање промоции, презентации, конференции, културни настани итн.
Институтот за славистика и балтичка филологија при Универзитетот ЕЛТЕ
На прашањето што е неопходно за да функционираат работите, Панзов вели:
- Достоинствени плати. Сегашните средства што ги добивам од Македонија се на ниво на социјална помош во Унгарија, барем двапати во годината да ни бидат овозможени патни трошоци за патување во Македонија (практика која е нормална за лекторите од сите европски земји), решавање на проблемот со сместувањето, потребен е фонд преку кој би се помагало нашето учество на конференции каде што би ја промовирале македонистиката, фонд преку кој би организирале настани за промоција на македонската култура. Значи, неопходно е она што е нормално воспоставена практика во сите европски земји во однос на лекторатите и афирмација на националните јазици. Постои непишано правило, државите што ги делегираат лекторите се грижат за своите лектори. Не можеме да очекуваме некој друг да се грижи за нашиот јазик и неговата афирмација – категоричен е Панзов.
Македонија и Хрватска во реципроцитетен договор
Ана Азеска е дел од лекторатот по македонски јазик во Риека, Република Хрватска, кој годишно го посетуваат околу 70 студенти. Таа објаснува дека Република Македонија не ги финансира лекторатите, туку само лекторите добиваат месечен надомест од 200 евра за работа надвор од границите на матичната држава.
- Лекторатите, но и самите лектори (кои добиваат плата од универзитетот каде што работат) се грижа на државата во која дејствува лекторатот. Па, така, конкретно во случајот со Македонија и Хрватска, се направи еден реципроцитет според кој хрватските лектори во Македонија ги финансира скопскиот Универзитет, а македонските во Хрватска – соодветните хрватски универзитети – вели Азеска.
Ана Азеска со професорот Горан Калоѓера
Таа е лектор по македонски јазик во Риека од академската 2014/2015 година. Азеска е задоволна од поддршката од скопскиот Универзитет, вели дека се води грижа за работата на лекторатите, редовно се доставуваат извештаи за бројот на студенти во нив и за активностите што се организираат за промоција на македонскиот јазик во конкретните држави.
- Сметам дека можеби недостига материјал за работа во смисла на книги од кои студентите би можеле што повеќе да научат, а и кои би можеле да ги понесат за спомен и од кои би можеле да учат и по завршувањето на предвидените курсеви. Можеби одредени финансиски средства што би ни овозможиле да го направиме изучувањето на македонскиот јазик, традиција и култура покреативно, позабавно и попристапно за сите заинтересирани – вели Азеска.