X
 13.08.2018 Наша тема

Сакате да бидете компјутерски инженер, агроном, наставник, дизајнер на облека, психолог, геодет – каде да се запишете?


Во морето од факултети, насоки, универзитети кои денес им се достапни на матурантите, да се направи најдобриот избор воопшто не е едноставна работа. 30 и 31 август се првите датуми кога новите бруцоши треба да се запишат на некој од државните универзитети во земјава. Ви претставуваме дел од државните факултети во Македонија и што тие нудат. На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје годинава ќе можат да се запишат 11.661 студент.


ФИНКИ: Нови програми и повеќе пракса

Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) годинава почнува со нови акредитирани студиски програми за следниот циклус од пет години. Повеќе од 60 професори со различни специјализации од областа на информатиката предаваат на овој факултет. Уште на почетокот на студиите мора да се дадат здрави теориски основи, па потоа ќе се надградуваат и практичните знаења. Студиските програми на ФИНКИ имаат заедничко јадро кое им дава на студентите добра основа за информатичките науки.
Во новите студиски програми на ФИНКИ ставен е уште поголем акцент на праксата преку изучување и примена на модерни и актуелни информатички технологии и алатки.


ФЕИТ: Можностите за вработување се огромни

Последниве неколку години на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) најатрактивни се насоките кои ги третираат областите на обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност и информациско-комуникациските технологии и системи. Студентите што се запишуваат на овие насоки добиваат широки знаења од областа на проектирање и работа на современи енергетски системи кои користат обновливи извори на енергија, начини за реискористување на енергијата, проектирање на современи ИКТ-системи и нивна примена во различни домени, напредни мрежни системи (5G), Internet-of-Things (IoT), вгнездени компјутерски системи, роботика и автоматизација.
Секако, акцентот е ставен и на развој на ИКТ-сервиси и апликации за потребите на различни сектори. Можностите за работа по завршувањето се огромни, тргнувајќи од големи мрежни оператори во земјата и странство, регулаторни тела, мали иновативни компании кои работат на истражувања и развој на специфични решенија, но голем дел од нашите студенти продолжуваат и со постдипломски и докторски студии на најпрестижните светски универзитети.


Економски факултет – Скопје: Седум програми усогласени со престижните светски факултети

Економскиот факултет нуди најсовремени образовни програми од областа на економијата и бизнисот, пренесени од компетентен и стручен кадар, во богато опремени библиотеки, компјутерски лаборатории и истражувачки центри.
Седумте студиски програми што се изучуваат на факултетот: е-бизнис, економија, маркетинг, менаџмент, надворешна трговија, сметководство и ревизија и финансиски менаџмент се целосно усогласени со студиските програми од најпрестижните високообразовни институции на кои се изучува економија и бизнис во светот.
Фактот што квотите за запишување на нови студенти на речиси сите студиски насоки се исполнуваат уште во првиот уписен рок, покажува дека новите студенти го препознаваат квалитетот кој се нуди со наставните програми, како и можноста по дипломирањето полесно да дојдат до работно место или, пак, да се запишат на втор циклус студии, како на самиот факултет така и на најпрестижните универзитети во светот.

Земјоделски факултет: Пракса во повеќе од 200 компании

Како најстара институција од областа на земјоделството, производството и преработките на храна во државата и пошироко во регионот, велат дека се горди на секој инженер агроном што своето образование, стручност и професионален развој го има стекнато токму на овој факултет. Новата учебна година ќе ја почнат со можност за запишување на вкупно 585 студенти. Новата генерација студенти ќе студираат на новоакредитираните студиски програми: Хортикултура, Овоштарство, лозарство и винарство, Екоземјоделство, Поледелство, Заштита на растенија - Фитомедицина, Преработка на земјоделски производи, Агроекономика, Квалитет и безбедност на храна и Анимална биотехнологија.

Факултетот остварува долгогодишна соработка со бизнис-секторот во државата, а на своите студенти им обезбедува стручна пракса во над 200 компании од областа на земјоделството, преработувачката индустрија, како и голем број државни институции кои се директни или индиректни креатори на земјоделската политика на нашата земја.


Технолошко-металуршки факултет - Скопје: Работа во модни студија

Прехранбена технологија и биотехнологија

Дипломираните студенти од оваа насока работат како прехранбени инженери и инженери-биотехнолози во пекарската индустрија, индустријата за преработка на овошје и зеленчук, преработка на млеко, производство на алкохолни и безалкохолни пијалaци, во винарниците, како и во маслодајната и месната индустрија. Освен тоа, овие инженери се подготвени за работа во лабораториите за контрола на прехранбени производи и во научноистражувачките институции.

Дизајн и инженеринг на облека

Дипломираните студенти на оваа насока може да најдат вработување во модните студија (како модни креатори на веќе етаблираните или создавање нови-сопствени модни линии), како инженери во конфекциските и текстилните компании, компании за контрола на квалитет на текстилните производи, средните текстилни училишта, царина, центри за обука и прекфалификација и во трговските текстилни претпријатија.

Инженерство на материјали и нанотехнологии

Оваа студиска програма ги подготвува студентите за менаџирање на високотехнолошките капацитети, во традиционалните индустрии и во индустриите кои се занимаваат со производство на нано-материјали. Студентите од оваа насока се нашите најголеми амбасадори во светот затоа што секоја година околу 30% од нив завршуваат на постдипомски студии на престижни универзитети надвор од Р. Македонија.


Факултет за дизајн и технологии на мебел и ентериер: Научете како да создадете производ и да го продадете

Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер нуди образование со кое ќе можете вашиот проект да го оформите во производ и евентуално да го продадете. Овој факултет е „соединение“ од многу науки: архитектура, машинство, градежништво, дрвна индустрија, економија...
Факултетот има две наставни програми: Дизајн на мебел и ентериер и Инженерство на мебел и дрво. Студиите се организирани според Болоњскиот кредит-трансфер систем, 4+1. Првиот циклус на студии трае 4 години и носи 240 кредити, вториот циклус е двосеместрален и носи 60 кредити. Во тек е акредитација за трет степен (докторски студии). Учесници сме во меѓународни проекти со сродни факултети, кои нудат можност за интеграција и размена на знаења и искуства со колегите од странство.


Филозофски факултет: Психолозите сѐ побарани

Во последните години најголем интерес има за студиските програми по психологија и безбедност, одбрана и мир. Интересот за изучување на психологијата е светски тренд. Дипломираните студенти се барани не само во јавното здравство, туку и во приватни советувалишта, анкетни и маркетинг-агенции, во одделенијата за човечки ресурси во државните и во приватните претпријатија, невладини организации и сл. Дипломираните студенти од областа на безбедноста, одбраната и мирот главно се вработуваат во државните институции поврзани со оваа област, но и во приватниот сектор каде што сѐ поголема е потребата од корпоративната безбедност. Како показател, во последните три години на студиската програма по психологија за едно место од квотата конкурираат трojца кандидати.

Градежен факултет: Отворени врати во градежните компании

Градежниот факултет е еден од ретките што целосно го прифатија европскиот модел на организирање на студиите и ги организира студиите според моделот 3+2. Таквиот модел овозможува за време на првите три години кандидатите појасно да ги согледаат своите амбиции, афинитети, па и можности и во вториот циклус да направат конечен избор. Велат дека се горди на своите две традиционални и јасно профилирани насоки; студии по градежништво и студии по геодезија.
Студиската програма за градежништво подготвува кадар за една од најзначајните индустрии, градежната. Со стекнатото звање од Комората на овластени архитекти и инженери на Р. Македонија можат да добијат овластување за изведба на објекти и да работат во градежната оператива во својство на одговорни инженери за изведба. Тоа им отвора врати на градежните компании, компаниите што работат со градежни материјали, но и одредени јавни претпријатија во чија надлежност влегува изградба и одржување на јавни објекти. Не е за потценување можноста за отпочнување мали сопствени бизниси. Кандидатите што би сакале во својата работна кариера, освен во изведбата, да учествуваат и во другите фази од градењето, а тоа се: проектирање, надзор и ревизија, неопходно е да го продолжат своето образование на последипломските (магистерски) студии во траење од две години. Геодезијата е научна дисциплина која се занимава со премерувања на земјината површина, внесување на податоците во катастарот и приказ на тие површини при изработка на карти и планови. Големиот број геодетски фирми, како и Катастарот, се пазар на трудот за овој профил.


Сцена од претставата „Егзистирање“ во која играат студентите од Катедрата за современ танц

Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип: Учете односи со јавноста и Современ танц

Медиумски студии и односи со јавноста

Од годинава студиите по новинарство се преименуваа во медиумски студии и односи со јавноста и со тоа се дава едно пошироко поле за студентите во областа на медиумите. Оваа студиска програма е исклучително интересна од аспект што Универзитетот располага со универзитетско радио, телевизија, веб-страници, информативен портал и весник. Тоа се можности кои студентите на оваа студиска програма можат да ги користат. Универзитетот има цел со ова да создава медиумски лидери во државата кои ќе бидат столбот на квалитетно новинарство и современи медиуми. Универзитетското радио и телевизија функционираат во рамките на Центарот за односи со јавноста на Универзитетот, кој исто така е една голема училница за студентите на оваа студиска програма. Студентите заедно со професионалните новинари или лица за односи со јавноста во овој центар работат на проекти на промоции на универзитетот, организираат настани и воедно се вклучуваат во работата на медиумите. Медиумските студии и односи со јавноста се одличен избор за студенти што сакаат да бидат вклучени во универзитетот и да имаат огромен дел од своите студии како практична настава во медиумите на УГД или во Центарот за односи со јавноста. Студентите уште од својата прва година стануваат интегриран дел од универзитетските медиуми со сопствени емисии, шоуа и текстови препознатливи уште додека студираат.

Современ танц

Оваа студиска програма во рамките на Филмската академија годинава е новост за овој универзитет. Станува збор за исклучително интересна студиска програма која под раководство на познатата Рисима Рисимкин се студира по светски стандарди. Универзитетот неодамна беше организатор на еден од најголемите фестивали на танц во Европа каде што студенти и професионалци по танц од цела Европа беа присутни во Штип. Реномето на Рисимкин заедно со ентузијазмот и отвореноста на УГД ќе придонесе за создавање исклучително квалитетна и модерна студиска програма која ја нема на овие простори. Со тоа што оваа програма е и на англиски јазик, веќе има интерес од студенти од целиот свет.



Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола – Учете Педагошки факултет

УКЛО има образовна понуда која е специфична и препознатлива и дава активна поддршка во сите исклучително атрактивни грантови за мобилност. Исто така, има и договори за меѓусебна соработка со повеќе странски универзитети.
Педагошкиот факултет денес е реномиран член на УКЛО и е модерна високообразовна институција подготвена успешно да ја врши својата мисија - едукација на студенти во областите на образованието. Факултетот ви нуди додипломски, постдипломски и докторски студиски програми кои се структурирани според ЕКТС и високите европски стандарди за академски студии:
Студиски програми за прв циклус се: Наставник за одделенска настава, Воспитувач, Македонски јазик и книжевност, Англиски јазик и книжевност, Германски јазик и книжевност, Информатичко-техничко образование (заедно со Техничкиот факултет – Битола) и Библиотекарство.


Универзитет „Св. Апостол Павле“ – Охрид – Дизајн на анимации, компјутерски графики

УИНТ нуди интеркултурна средина за своите студенти, под менторство на професори од: САД, Јапонија, Британија, Италија, Израел, Бразил, Франција, Јужна Африка, Португалија, Белгија и др. Покрај тоа има студенти и од Америка, Африка, Азија и Европа.
Нудат неколку можности за студирање од кои една од најатрактивните е Факултетот за информациони системи, визуализација, мултимедија и анимација. Дипломата овозможува да се работи со дизајн на анимации, компјутерски графики, истражувања и сл. Разноликоста што ја нуди самата програма е добра појдовна точка за развој на креативноста, а средината во која се студира придонесува за поголема отвореност кон различности.
Друга атрактивна можност е Факултетот за компјутерски науки и инженерство, каде што се учи за програмирање, концепти на програмирање, функција и организација на компјутерите. Се стекнува знаење за анализа, класификција, дисеминација на информации, улогата на информационите системи и технологии во општеството и бизнисот. Во подемот на оваа област во државава и надвор, оваа програма го привлекува вниманието на студентите поради широкиот дијапазон на можности што ги нуди.
Дел од нив се програмер, тестер на софтвер, веб-дизајнер, компјутерски инженер, програмер на игри, развој на веб-страници, дата-бази, софтвер итн. По завршувањето на студиите, студентите својот професионален ангажман можат да го остварат во компании во Македонија, да работат од дома и да остваруваат високи приходи.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема