Реално, во последно време имаме многу подобри услови во атлетиката кај нас. Можам да кажам дека се живее од тоа и дека може професионално да се тренира кај нас. Мојот сон ќе биде да ја исполнам олимписката норма и да ја претставувам Македонија во Париз 2024. Тоа ќе биде мој најголем успех, а истовремено и на Атлетската федерација
Атлетиката кај нас ретко кога знае да се најде во центарот на вниманието, а бум во медиумите по долго време во овој спорт направи нашата атлетичарка Дрита Ислами. Пред само една недела на Европското екипно првенство од третата дивизија таа го освои првото место во трката на 400 метри со пречки и тоа со резултат кој претставуваше нов државен рекорд. Ислами за цела секунда го подобри нејзиниот претходен рекорд, поставен неодамна, а многумина кај нас ова постигнување го карактеризираа како најдобриот македонски атлетски резултат во 21 век.
Ислами девет години по ред беше прогласувана за Атлетичарка на годината, а три години е меѓу Топ-10 спортисти на Град Скопје. Таа поседува шест национални рекорди и не претставуваше на Олимпијадата во Рио во 2016 година, како и на Светсткото првенство во Лондон во 2017.
Покрај победата на 400 метри со пречки пред недела дена на европскиот шампионат во Лимасол, Ислами има триумфи во истата дисциплина и во Малта во 2017 година и на шампионатот во Скопје пред две години.
Наставникот откри дека сум брза, а случајно со татко ми одбравме атлетика
Дваесет и четиригодишната Ислами е родена во Сарај, местото каде што се уште живее. Благодарение на нејзиниот тогашен наставник од основното училиште, кој открил дека таа поседува природна брзина, Ислами од 12-годишна возраст почнала да спортува, а изборот паднал на атлетиката, со оглед на тоа што во близина каде што живее има атлетски клуб.
- Во училиштето кај што учев, наставникот ме откри дека сум брза и дека треба да спортувам нешто, а заедно со татко ми се одлучивме за атлетика, и тоа случајно, бидејќи имавме и атлетски клуб во близина.
- Кога имав 12 години, прв пат почнав да се натпреварувам во училиштето во кое учев, бев најбрза и после тоа трчав на општинско ниво, каде исто така бев прва. После тоа се регистрирав во атлетскиот клуб „Лирија“. Моите први професионални тренинзи беа со тренерот Рахман Алија, трениравме и во Сарај, но и на градскиот стадион во Скопје. Од 2016 сум дел од атлетскиот клуб „Работнички“.
Фото: Емир Хамзаи
Кога се подготвувам тренирам и два пати днневно
Омилена атлетска дисциплина на Ислами и е 400 метри со пречки. Станува збор за една од најтешките тркачки дисциплини, бидејќи во неа се комбинираат: брзината, издржливоста и техниката за прескокнување на пречките, а сето ова бара и посебна концентрација во текот на целата трка. Оваа дисциплина од 1900 година е на програмата на олимписките игри, но само кај мажите, додека за жени е дозволена од 1984 година.
- Мојата дисциплина е 400 метри со пречки. Иако е многу тешка, таа сепак ми е омилена, но трчам и други дисциплини, како на пример 200 метри, 400 метри и штафети. Атлетски идоли за мене секогаш ќе бидат Американките, и тоа од постарите, Сања Ричардс, а од актуелните, Алисон Феликс.
- Атлетиката бара константни тренинзи и нормално дека тренирам секој ден, но кога сум на подготвителен период тренирам и по два пати дневно, а еден тренинг трае околу два часа, некогаш и повеќе. После појадокот одам на тренинг, кога се враќам нормално јадам нешто и се одмарам до следиот тренинг, а после вториот тренинг, пак истото, односно исхрана, одмор и спиење, кое е многу важно за да се рехабилитирам за следниот ден.
Подобрени се условите во атлетиката кај нас, се живее од неа
Ислами инаку паралелно студира на Факултет за физичко образование, спорт и здравје (ДИФ) и тоа како втор факултет, откако претходно има дипломирано како економист. Сепак целиот нејзин фокус е насочен кон атлетиката и смета дека условите во овој спорт во Македонија се далеку подобри од порано и дека може да се живее само од него.
- Моментално мислам само на атлетика. Фокусирана на тоа, но истовремено и студирам на ДИФ, како втор факултет, а имам завршено за економија. Реално трчањето е брзина, издржливост и сила. Се тркаш со времето, даваш се од себе до самиот финиш. Немам некоја специфична исхрана, јадам се што ќе ми се јаде, секако има работи што не се здрави и ми делуват негативно, го мачат мојот организам и се трудам да ги избегнувам и да јадам што поздраво.
- Реално, во последно време имаме многу подобри услови во атлетиката кај нас. Можам да кажам дека се живее од тоа и дека може професионално да се тренира кај нас. Мојот сон е да ја исполнам олимписката норма и да ја претставувам Македонија во Париз 2024. Тоа ќе биде мој најголем успех, а истовремено и на атлетската федерација.
фото: Приватна архива на Дрита Ислами