X
 22.04.2026 Живот

Огнен Стефановски е повеќебоец - од непостојна дисциплина стигна до најдобар резултат во Македонија

И покрај лошите услови за тренинг во Македонија, немање атлетска сала и недоволно финансирање, неговата посветеност и упорност се пример и инспирација за сите млади спортисти во земјата

Огнен Стефановски е наш најдобар повеќебоец на сите времиња и рекордер во повеќе атлетски дисциплини. Тој повторно ја испиша историјата на македонската атлетика, на националното првенство во седмобој во Словенија успеа да постигне вкупно 5.223 поени, со што постави нов национален рекорд.
Неговите резултати по дисциплини се: 60 метри: 7,22 секунди; скок во далечина: 6,84 метри; скок во височина: 183 сантиметри; фрлање ѓуле: 11,76 метри; 60 метри со пречки: 8,42 секунди; скок со стап: 4,20 метри (нов национален рекорд); 1.000 метри: 2:42,83 минути

- Со овие резултати Огнен не само што го подобри својот личен и национален рекорд во скок со стап, туку и ја зацврсти својата позиција како најуспешен македонски повеќебоец на сите времиња. И покрај лошите услови за тренинг во Македонија, непостоење на атлетска сала и недоволно финансирање, неговата посветеност и упорност се пример и инспирација за сите млади спортисти во земјата - вели Александар Стојановски, претседател на МК „Делта“.



Од непостојна дисциплина до најдобар резултат во Македонија

Подетално за резултатите, успесите и предизвиците, разговараме со Огнен.

- Приказната за тоа како почнав да тренирам за повеќебој е многу необична и интересна. Во првите 4 години откако почнав да тренирам атлетика мојот фокус беа спринтерските дисциплини, а особено трката на 400 м. Во 2023 г. бев на моето прво поголемо натпреварување – Европското тимско првенство во Полска. Со само 18 години ја претставував Македонија на европската сцена, првенствено како дел од штафетата 4х100 м. Таму се запознав Дарко Пешиќ – еден од најдобрите десетобојци во овој регион. Тој виде потенцијал во мене за повеќебојот, ме покани да се приклучам во неговата тренинг-група во Нови Сад спојувајќи ме со мојот сегашен тренер Феџа Камаси. Ја прифатив поканата, се преселив во Србија и другото е историја - споделува Огнен.

На последното натпреварување тој постави национален рекорд, со резултат од 5.223 поени во седмобој.

- Овој резултат за мене претставува огромен напредок и потврда за одличната форма оваа сезона. Седмобојот беше единствената дисциплина во која никој не се натпреварувал сѐ додека јас не настапив првпат во 2024 година. Откако почнав да тренирам за повеќебој, настапував на 5 натпревари во седмобој и секој беше подобар од претходниот и воедно нов државен рекорд. За само 3 години македонскиот седмобој, од непостојна дисциплина сега го носи 4. најдобар резултат во Македонија во 2026. Овој резултат за мене е показател дека напорната работа се исплати и дека можам да очекувам уште подобар резултат ова лето во десетобојот - изјави Огнен.



Најголем предизвик од натпреварот му била дисциплината скок со стап.

- Како една од најтехничките дисциплини во спортот и како 6. и претпоследна дисциплина, борбата е помеѓу фокусот и заморот. Имаше неколку критични моменти на висините од 4,00 м и 4,10 м каде што ги прескокнав висините од последниот - трет обид и бев во ризик да загубам околу 90 поени од вкупниот резултат. Но успеав да додадам +10 см на личниот рекорд и прескокнав 4,20 м и покрај притисокот. Најсилен се почувствував на 60 м со пречки и последната дисциплина 1.000 м за која знаев дека можам да трчам за личен рекорд и воедно рекорд во седмобојот - истакнува нашиот соговорник Огнен Стефановски.

Подготовката за скок со стап временски е иста како и за сите други дисциплини, пробува да ги помине сите дисциплини барем еднаш неделно.

- Тренингот за скок со стап е многу интересен, треба малку храброст и малку желба за ново искуство. Знам дека оваа дисциплина не е многу популарна во Македонија, но многу би сакал да видам нови луѓе кои би се осмелиле да ја пробаат зашто како и сите други нешта, може да се научи.



Во Македонија немаме атлетска сала за соодветен тренинг во зима


Во последните три години Огнен тренира во Нови Сад, Србија, со тренерот Феџа Камаси кој има искуство како атлетичар-десетобоец, но и тренер за десетобој со учество и медали на многубројни олимписки игри, светски и европски првенства.

- Неговото искуство и нашата соработка се голем фактор во постигнувањето на овие резултати. Мислам дека на атлетиката кај нас ѝ фали таа традиција на тренери и атлетичари кои го достигнале врвот, кои потоа би можеле да ги пренесат знаењето и искуството на помладите генерации атлетичари и тренери. А со оглед на условите, во Македонија немаме атлетска сала за основните потреби за соодветен тренинг во зима. Сите атлетичари што остануваат во Македонија во текот на зимата или мораат да ја скратат тренинг-програмата или да ризикуваат повреди со тренинг во зимски услови - истакнува Огнен.

Главната цел за оваа сезона му е Балканското првенство во Волос, Грција, каде што се надева дека ќе се бори за првиот интернационален медал за Македонија во десетобојот.

- Европските и светските првенства се на мојот календар за следните години и едвај чекам да ја претставувам Македонија рамо до рамо со најдобрите. Она што ме мотивира е желбата да дадам сѐ од себе, да бидам најдобрата верзија од себеси, да го исполнам својот потенцијал и дар. Цврсто верувам во она што го пишува во Библијата, во 1 Коринтјаните 10:31 сме повикани што и да правиме, да правиме сѐ за Божја слава, тоа е она што ми дава цел и причина и држењето на Божиот збор е она што ми дава насока во животот - додава Огнен.



Неговата порака до младите атлетичари во Македонија кои сакаат да се занимаваат со повеќебој е да веруваат во себе и да веруваат дека сѐ е можно, колку и да им се чини тешко.
- Изговорите никогаш не се решение. Ние не сме генерација што се жали, туку генерација што може и ќе најде начин. Некои работи, за жал, не зависат од нас, а она што зависи од нас е она во кое можеме да вложиме сѐ и да станеме најдобри - подвлекува Огнен.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.

Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот