Најчесто уште при првиот контакт со нешто ново, без оглед дали е тоа човек, ситуација или идеја, луѓето веднаш се обидуваат да го именуваат и да го „сместат“ во позната категорија. Тоа е природен механизам кој ни помага да се снајдеме во светот и побрзо да донесуваме одлуки, но истовремено може да нè ограничи.
Според експертите, токму способноста да се одолее на потребата за брзо судење и етикетирање може да биде показател за повисоко ниво на интелигенција. Иако етикетирањето ни помага да ги поедноставиме работите, тоа често ја намалува нашата отвореност и ја задушува креативноста, бидејќи нè турка кон заклучоци пред навистина да разбереме што гледаме.
Експертите објаснуваат дека вистинската интелигенција не се мери само со брзината на размислување, туку и со способноста за свесно набљудување и одложување на судот. Токму оваа вештина (набљудувањето без веднаш да се донесе заклучок), се смета за една од поретките човечки особини.
Терапевтот д-р Глорија Брејм истакнува дека оваа способност ги издвојува визионерите од другите. Визионерите не мора да измислуваат нешто целосно ново, туку умеат да забележат скриен потенцијал во постојни идеи и да ги подигнат на повисоко ниво. Луѓето што се навикнуваат да забележуваат детали што другите ги игнорираат со текот на времето почнуваат да гледаат врски кои на повеќето им остануваат скриени.
За развивање поотворен начин на размислување, експертите препорачуваат свесно да се забави процесот на донесување суд. Наместо веднаш да се „етикетира“ некоја ситуација или личност, се советува да се одвои време за набљудување на луѓето околу нас, природата, движењето, светлината и секојдневните детали.
Ваквата практика може да помогне и за намалување на внатрешниот стрес бидејќи нè извлекува од прекумерно анализирање и нè враќа во моментот. Иако понекогаш може да изгледа необично за околината, ваквото однесување всушност претставува форма на ментална смиреност и концентрација.
На крај, експертите нагласуваат дека токму во способноста да се набљудува светот без брзи заклучоци се крие еден од најискрените извори на мудрост и креативно размислување.
Извор:
Index.hr
Фото: Magnific