Камински е тандем-партнер на водечкиот американски режисер Стивен Спилберг, за чии филмови има освоено 2 „Оскари“: „Шиндлеровата листа“ (1994) и „Спасувајќи го војникот Рајан“ (1999)
Само еден ден ќе трае 41. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој поради Ковид-19 годинава ќе се одржи на 19 септември во Битола, соопштија на денешната прес-конференција директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска, и Игор Иванов-Изи, претседател на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ).
Јануш Камински
Лауреат на „Златна камера 300“ за животен опус е полско-американскиот кинематографер Јануш Камински, а нашиот режисер Столе Попов ја доби наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на ДФРМ.
- Ковид-19 нѐ затекна сите. Ги живееме последиците од оваа катастрофа, така е и со фестивалот „Браќа Манаки“. Одржавме седум состаноци на кои ја следевме состојбата кај нас и во светот и одлучивме да постапиме како и сите други светски филмски фестивали - рече Иванов.
Столе Попов
Теодосиевска рече дека ќе бидат доделени највисоките награди на централниот настан во Битола, а ќе се обратат покровителот на фестивалот, претседателот Стево Пендаровски, градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, претседателот на ДФРМ, Игор Иванов-Изи. Со видеопорака ќе се обратат и претседателот на ИМАГО, Кеес ван Острум и лауреатот Камински. Тој е најмлад досегашен добитник на „Златна камера 300“. Светската слава ја стекнал во креативната соработка како тандем-партнер на водечкиот американски режисер Стивен Спилберг, за чии филмови има освоено 2 „Оскари“: „Шиндлеровата листа“ (1994) и „Спасувајќи го војникот Рајан“ (1999), а бил кинематографер на7 негови филма, номинирани за „Oскар“, меѓу кои: „Минхен“ (2002), „Мост на шпиони“ (2015), „Весникот Вашингтон пост“ (2017).