Голем дел од средношколците речиси немаат ограничување на излезот, односно до колку часот мора да се вратат дома кога излегуваат ноќе. Ова го покажа истражувањето на ученици од гимназијата „Јосип Броз-Тито“ од Битола, спроведено со примена на географско-информациски софтвер (ГИС) преку кој се собираат податоци за навиките на излегување на учениците. Тие се претставени на стори-мапи каде што со клик на одредена локација се добиваат корисни и интересни податоци кои не можат да се најдат на друго место.
Така, учениците Анастасија Стерјева, Андреа Нешковска, Нина Недановска и Елена Вчковска спроведувајќи анкета меѓу средношколците во нивното училиште, дојдоа до заклучок дека најчест одговор на учениците од втора година, па нагоре на прашањето дали имаат ограничување за излезот е дека немаат. На учениците од прва година најчесто излезот им е до полноќ, а исто така и на оние од втора година, од кои родителите бараат до ограничено време да се вратат дома. Речиси никој од учениците од четврта година не одговорил дека има ограничување за излез.
Во прва година се излегува преку викенд, а за другите најпопуларен ден за излез е четврток
Учениците беа прашани и колку често излегуваат надвор. Оние од прва година тоа го прават најчесто еднаш или двапати неделно, а сите други два до пет пати. Речиси сите ученици од прва и втора година одговориле дека најмногу излегуваат за викенд (претежно во петок и во сабота), од трета и четврта година различно во текот на неделата, а најпопуларен ден е четврток.
Излезот го снемува, но изостаноците по школите растат. И оваа проблематика беше дел од истражувањето на друга група ученици со примена на ГИС-технологија во гимназијата „Јосип Броз-Тито“, а во рамките на истиот проект спроведен преку Регионалното географско друштво „Гоесфера“. Целта беше учениците да научат да изработуваат ГИС истражувачки продукти, односно да ја применат географијата на креативен начин во секојдневието. Учениците Андреј и Давид Марковски и Владимир Јаневски од гимназијата „Јосип Броз-Тито“ од Битола, под менторство на професорот Мите Ристов, истражуваа одредени параметри за општинските училишта. Меѓу нив и отсуствата на учениците.
За три години бројот на изостаноци зголемен од 3.000 до 7.000
Според податоците што можат да се добијат со кликови на онлајн мапата каде што се претставени училиштата во Битола, бројот на изостаноци е во постојан пораст. Има училишта каде што во текот на една година се евидентирани над 40.000 отсуства на ученици од наставата. Исто така, за три години, се бележи зголемување за 3.000 до 7.000 изостаноци.
Од податоците што дел од битолските училишта ги доставија до учениците истражувачи може да се види дека од три средни училишта во градот во оваа учебна година најмногу отсуства од настава биле евидентирани во СОУ „Таки Даскало“, дури 40.432 од 738 ученици. Тоа во просек би значело по 54 изостаноци на секој ученик. Гимназијата „Јосип Броз-Тито“ со 686 ученици забележала 31.978 изостаноци, а медицинското училиште „Д-р Јован Калаузи“ 28.244 од 761 ученик. Во Медицинското училиште за три години отсуствата се зголемиле за 3.414, а во „Јосип Броз-Тито“ за над 7.000.
Додека расте бројот на отсуства, бројот на ученици се намалува. За три години тој е намален за 53 во медицинското училиште, 35 во техничкото, 73 во Горната гимназија во Битола.
- Прашавме за бројот на училници, на ученици во минатите три години, за изостаноците, секциите, број на простории, дали имаат кабинетска настава и слично. Во основните училишта речиси е константен бројот на ученици, многу малку се менува во текот на годините. Но, во гимназијата забележав дека е намален бројот на ученици од 732 лани на 686 годинава. Во однос на изостаноците, многу се слични училиштата, некаде имаше поголем број неоправдани, но речиси сите се движат во ист просек - вели Владимир Јаневски, ученик од гимназијата „Јосип Броз-Тито“.
Во фитнес-сала од 13 до 90 години
Интересно е и истражувањето на Матеј Масалкоски, Бојан Драгарски, Димитар Петров и Димитар Стефановски за условите и членството во фитнес-салите. Меѓу презентираните податоци на мапите е и тоа дека во земјава има фитнес-сали кои им дозволуваат членство и на 13-годишни деца. Фитнес-сала во Битола, пак, дала податок дека највозрасниот посетител кај нив има 90 години.
Ова се дел од осумте истражувања спроведени преку активностите на ГИС секциите во Основното училиште „Тодор Ангелевски“ и Гимназијата „Јосип Брзо -Тито“ во Битола, под менторство на професорите по географија - м-р Гордана Богоевска и м-р Мите Ристов.
- ГИС- технологија е географско-информациски систем, со наједноставни зборови кажано поврзување на податоците со локации и да се претстави визуелно за да биде поразбирливо за пошироката јавност - рече професорката Богоевска.
Учениците побогати со знаење
Во рамките на проектот училиштата добија донација од 30 кориснички имиња за пристап до светски познатиот софтвер кој често се користи за училишни цели.
- Содржи различни апликации кои можат да бидат во форма на прибирање податоци како анкети, презентација, дигитализација и мапирање на податоци, односно спектар на активности преку кој учениците ќе се запознаат со управување, пребирање, споделување податоци, соработка со други институции и субјекти кои располагаат со податоците - вели Лука Јовичиќ, претставник на компанијата која овозможи софтверската и техничката поддршка на секциите.
Преку ваков систем дваесетина училишта во Хрватска работеа на истражување на изворите и квалитетот на водата.
Ова се корисни сознанија за учениците да можат на креативен начин да ги претстават своите истражувања, но и за јавноста зашто добива база на интересни податоци кои ги нема на друго место или се затскриени во морето од други податоци.