Во преговори сме со хотел од градот да нѐ прими да тренираме во покриен базен оваа зима, а ги користиме и справите во паркот, од кои некои служат како за пливање, вели тренерот и пливачка легенда Кире Марков
Иако Битола нема покриен базен, битолските пливачи не се предаваат. Преку лето пливаат во Олимпискиот базен под водство на пливачката легенда Кире Марков, а во зима, доколку успеат да се договорот со хотел во градот да го користат затворениот базен или, пак, на суво - на справи во градскиот парк. И покрај неможноста овој спорт да се тренира преку цела година, ентузијазмот не попушта, па Битола може да се пофали и со меѓународен пливачки натпревар, кој на 25 август по 11. пат се одржа во организација на Спортското пливачко друштво „Олимпик“ и тренерот Кире Марков. На натпреварот имаше учесници од Македонија, Косово, Србија и од Австралија, а тоа што младите пливачки надежи од двата битолски клуба „Олимпик“ и „Југ“ освоија многу места во сите категории покажува дека градот има значајни пливачки капацитети.
Не „висиме“ на мобилни, туку пливаме, велат децата
- Многу ни е убаво додека пливаме, се развива моториката на телото, стануваме истрајни пред зацртаните цели, се дружиме и го јакнеме натпреварувачкиот дух. Пливаме наместо да „висиме“ по цел ден на компјутери и мобилни телефони. Убаво би било да можеме со тренинзите да продолжиме преку цела години - велат младите битолски пливачи.
Некои од нив пливаат маратони и освојуваат медали, а други се вешти на кратки патеки, но успесите ќе бидат уште поголеми доколку имаат можност да тренираат преку цела година.
- Нема покриен базен, па одиме во хотел „Епинал“. Водиме разговори со хотелот ако нѐ примат таму да тренираме претстојната зима. Инаку, тренираме во паркот каде што се справите за вежбање, има некои од нив што служат како за пливање. Не е тоа решение, но нешто на суво тренираме, а нешто во хотелот. Сувото пливање е за пливачот да биде физички подготвен. Ако во зима нема каде да се тренира, се губи континуитетот, пливањето бара вода. Ако еден или два дена не си во вода, се враќаш кондиционо два дена назад - вели тренерот Марков, кој 45 години тренира деца да пливаат и да скијат.
Битола и без покриен базен одржува меѓународни пливачки натпревари
На натпреварот гостин беше Софија Бејковска, која пред осум години, на 29-годишна возраст, стана првата битолчанка што го преплива Охридското Езеро и за тоа лично му се заблагодари на својот тренер. Повторно апелираше за изградба на покриен базен во Битола, кој битолчани веќе долго време го чекаат. Изградбата на базенот ќе придонесе за подобри резултати во иднина и формирање големи пливачки таленти кои ќе претставуваат гордост за градот.
И покрај ваквите услови, секоја година се зголемува интересот кај децата за пливање.
- Доста голем е интересот, годинава од 50 до 60 деца се научија да пливаат и да се натпреваруваат. Во двата клуба има околу 160 деца кои цело лето тренираат во Олимпискиот базен - вели Марков.
Марков прослави 6 децении пливачка кариера
Тој годинава наврши 60 години пливачка и скијачка кариера, а по тој повод, на Олимпискиот базен во Битола беше поставена изложба на фотографии. Марков е позната легенда на југословенското пливање, дури 30 пати ја има испливано релацијата Горица - Охрид и го држи рекордот во старосна граница и официјално како највозрасен пливач на таа патека од 2,5 километри. Веќе 24 години, од формирањето на клубот „Олимпик“, тој ги тренира младите пливачи. Повеќе од две децении минал на базените, по натпревари и маратони како тренер, како судија и придружба на големите маратонци – интернационалци, како Французинот Стефан Гомез, Аргентинецот Матијас Дијаз и многу други.
Покриениот базен стана пародија
Повеќе политички структури имаа најавено изградба на покриен базен во Битола, но не ги остварија ветувањата, дадени најчесто пред избори. Работата стигна дотаму што во 2020 година во дворот на Основното училиште „Даме Груев“ се поставија темели за базенот и се подигна до карабина, но потоа запреа сите активности. Требаше да се изгради преку Агенцијата за млади и спорт, инвестиција која ќе чинеше 43 милиони денари. Недоградениот базен стана и дел од првоаприлските шеги на учениците од училиштето каде што требаше да се изгради. Тие на Денот на шегата се појавија во макета од базен импровизирајќи пливање. Така, на пародичен начин го пуштија во употреба долгоочекуваниот затворен базен.
Фото: приватна архива