X
 26.08.2020 Живот

Се крадат помеѓу 30 и 50 отсто од светските резерви на вода

Резервите на вода на нашата планета се неверојатно вреден ресурс кој треба да го штитиме, а новите загрижувачки податоци покажуваат дека помеѓу 30 и 50 проценти од таа вода се крадат - што значи дека за таа вода не се плаќа или не се зема предвид.

Оваа кражба се случува кога луѓето и компаниите доаѓаат до водата илегално - често за земјоделски цели. Тоа би можело да значи бесплатно добивање прочистена вода за која треба да се плати или добивање вода на начини спротивни на еколошките директиви.

Проблемот не е нов, но повеќето луѓе немаат идеја што се случува.

Заклучокот? Додека индивидуи и компании се оние што крадат, новообјавената студија посочува кон политичките, правните и институционалните рамки, кои не се соодветно поставени за да ја заштитат скапоцената вода од која зависиме.

Длабоките причини за кражба на водата не се решаваат соодветно, велат истражувачите. Вредноста на водата не се цени, а илегалните активности не се казнуваат соодветно. Тоа значи дека секоја година се губи огромна количина вода поради кражбите.

Има дебата за тоа што се смета за кражба на вода - или дали воопшто постои - бидејќи водата е природен ресурс до кој сите имаме пристап. Но, тимот разгледал три одделни студии во кои било вклучено незаконско користење вода: за одгледување марихуана во Калифорнија, јагоди во Шпанија и памук во Австралија.

Иако овие случаи се различни во смисла на социјални норми и локални прописи, сепак, тие имаат некои заеднички работи.

Сите три активности бараат вода и сите три ги покажуваат ефектите на побарувачката на пазарот врз кражбата на вода - крадењето вода едноставно е многу профитабилно, во повеќето случаи, и секако е попрофитабилно од следењето на еколошките прописи.

Фото: Pixabay

Несигурноста за резервите на вода, предизвикана и од човековите активности и од природните варијации во паѓањето на дожд, исто така е еден од двигателите на кражбата на вода, се наведува во студијата.

Недостигот на реална политика исто така е фактор - ако нема шанса да ги фатат, луѓето ќе крадат вода дури и кога не им треба.

Една од најголемите промени што можеме да ги направиме, според истражувањето, е да се осигуриме дека казните за кражба на вода се значителни и правилно спроведени - особено во зафрлените и руралните области.

Јавното изложување на крадците исто така може да помогне во некои ситуации. Ова финансиско и социјално ребалансирање го прави крадењето вода помалку рентабилно и помалку прифатено во заедниците, се наведува во новиот извештај.

Откривањето на кражбите на вода треба да се олесни бидејќи се развиваат понапредни системи за набљудување и сензори, но засега е потребен координиран напор од властите, регулаторите и заедниците за да му се стави крај на скандалот на крадење на половина од водата во светот, велат истражувачите.

Извор: Science Alert
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот