Кај нас, но и во светот, за тотално неочекувани работи, постапки или појави, често се употребува изреката „како гром од ведро небо”. Притоа, обично се алудира дека ваквата појава е речиси невозможна. Но дали е навистина така, или сепак може да настане гром и од „ведро небо“?
Првин да укажеме дека кај нас често се мешаат термините секавица, молња, грмотевица, грмење и гром. Сите тие се поврзани со различни ефекти (светлински или звучни) од силно и нагло електрично (електростатично) празнење во атмосферата. Така, термините секавица и молња обично се однесуваат на самото електрично празнење придружено со светлинскиот ефект (искра), додека термините грмотевица, грмење и гром се поврзани со звучниот ефект (татнеж) кој следи по светлинскиот. Колку временската разлика помеѓу секавицата и грмотевицата е поголема, толку електричното празнење се случило подалеку, бидејќи брзината на звукот е неспоредливо помала (340 м/сек) од брзината на светлината (речиси 300 000 км/сек), која е речиси „моментална“.
Всушност на тој начин може да пресметаме на која оддалеченост е електричното празнење, множејќи го бројот на секунди помеѓу секавицата и грмотевицата со 340 метри (ако се 10 секунди, секавицата била оддалечена 3,4 км). Што се однесува до терминот „гром“, тој обично означува нагло и силно електричното празнење помеѓу атмосферата, поточно облакот и земјината површина, односно објектите и предметите на неа.
За појава на молња и гром, неопходни се моќни (темни) облаци со вертикален развој (кумулонимбуси, стратокумулуси и др.), кои содржат критично количество на електрицитет. На подрачјето на Македонија, вакви облаци најчесто се јавуваат од крајот на пролетта, до почетокот на есента, а во ретки случаи се можни и во останатиот дел од годината. Иако нема правила, електрично празнење поврзано со громовите обично се случува од атмосферата (облакот) кон некое поистакнато, повисоко, понаелектризирано место, предмет, објект или суштество на земјината површина и кон метални површини. Затоа е многу тешко да се предвиди каде ќе „удри гром“. Особено ако се има во предвид дека при поволни услови и многу наелектризирани облаци, електричната искра може да биде долга и до 100 км и да има сосема неочекуван „развлечен“ правец. Всушност, секоја година се евидентираат десетици случаи на електрично празнење на одалеченост и до 80 км од облакот. Бидејќи облакот не е во близина или не се гледа, луѓето ваквата појава ја нарекуваат „гром од ведро небо“. Сепак, да напоменеме дека удар на гром на оддалеченост поголема од 30 км од облакот е навистина многу ретка појава.
Така, од околу 1,5 милијарди електрични празнења годишно низ светот, близу 300 милиони се помеѓу облаци и земјината површина („громови“), а од тоа пак само околу 0,5 милиони се на растојание поголемо од 30 км од облакот. Без оглед на наведеното, во последните 5 години во светот се забележани најмалку 300-400 случаи на човечки жртви од „гром од ведро небо“ т.е. гром кој се случил барем 5 км подалеку од местото под облакот. Веројатноста е доста мала и за просечен живот изнесува едвај 1 : 650 000, но колку и да е мала, таа сепак постои. Затоа важи правилото дека луѓето треба да бидат внимателни и да не се задржуваат на отворен, истакнат простор се додека јасно се слушаат грмотевици. Инаку, според достапните податоци, громовите годишно глобално усмртуваат околу 24 000 луѓе, а околу 250 000 се здобиваат со трајни или привремени повреди. Најголем број жртви има во тропскиот појас, каде молњите (громовите) се најчести, а заштитата е слаба. Неславниот рекорд го држи едно село во Кенија, каде речиси секоја година има барем 4-5 жртви од гром, а причината се честите молњи и крововите од метал. Во Македонија, според сателитските анализи годишно настануваат околу 120 000 молњи и 25 000 громови, кои предизвикуваат просечно 2-3 жртви.
Просечен годишен број на молњи на километар квадратен низ светот, според НАСА
Затоа, кога непосредно над вас, па дури и подалеку има невревреме, заштитете се и бидете внимателни, бидејќи „гром од ведро небо“ сепак може да се случи. А најдобра заштита е да сте во возило со затворени прозорци или во затворен објект или простор, затитен со громобран, заземјен или поврзан на електрична мрежа.
Автор: д-р Ивица Милевски /
iGeo