Деновиве, во поголем дел на Македонија па и на Балканот, се регистрираат доста ниски минимални температури на воздухот кои се спуштаат до -20 степени целзиусови. Меѓутоа, такви ниски температури не се некоја невообичаена појава и се јавуваат речиси секоја година, најчесто во месец јануари или февруари. Всушност, од кога се мерат температурите во нашата држава, забележани се дури и многу пониски вредности. Така, на 27 јануари во 1954 година, во Берово е забележана температура од -31,5 степени, а на истиот датум, во Битола се измерени -29,5 степени.
Тоа се апсолутно најниските досега измерени температури на воздухот во Македонија. Причина за така ниските температури на овие две мерни места се надморските височини на Берово (820 м) и Битола (590 м), како и релјефната конфигурација околу нив во вид на добро „заградени“ котлини, со планини од повеќе страни. На тој начин, спуштањето на околниот ладен планински воздух кон пониските делови (депресии), слабата ветровитост поради природните препреки и ладниот снежен покривач, условуваат застојување, „заезерување“ и подолготрајно разладување на воздухот до многу ниски вредности. Прилеп, иако е на само 40 км од Битола, нема толку изразени ниски температури, а минимумот е „само“ -23,6 степени.
Други градови каде температурата може да се спушти под -25 степени се: Тетово со најниска забележана температура од -28,6 степени, потоа Делчево со -28,5 степени, Ресен со -26,5 степени и Македонски Брод, Кичево, Кочани и Скопје со по околу -25,5 степени. Во Скопје пак, ниските температури покрај природните фактори, во одреден степен се условени од протегањето и поставеноста на крупните градби (обично во правец север-југ) попречно на правецот на ветерот, кој главно дува од западен и северозападен правец. Заезерувањето на ладните воздушни маси, слабата ветровитост во комбинација со загаденоста, условуваат појава на долготраен смог со висока концентрација на одредени штетни материи во воздухот. Слични ниски температури (всушност за 3-4 степени повисоки од апсолутно најниските забележани), беа измерени во јануари 2012 година и се спуштија до -26 степени.
Интересно е што на многу повисоки планински места, како на пример на Попова Шапка (1750 м), температурите речиси не се спуштаат под -25 степени, пред се поради температурните инверзии (потоплиот воздух од дната на котлините се истиснува кон повисоките места од страна на ладниот, тежок воздух), но и влијанието на ветровите. Инаку, поради сличните, претходно наведени природни причини, Битола, Скопје, Кочани и други градови со многу ниски температури преку зима, во летниот период можат да имаат екстремно високи температури од над 40 степени.
Според сите аналитички податоци од светските метеорлошки институции, месец јануари оваа година ќе биде просечно студен, а по ниските температури во првите две недели, истите постепено ќе се искачуваат на околу -3 до 10 степени. Воедно, за оваа 2015 година се очекува многу потопло лето од 2014та, со оглед на тоа што започнува циклусот на Ел Нињо, кој обично на нашите простори се манифестира со жешко и сушно лето.
Автор: д-р Ивица Милевски /
iGeo