X
 26.09.2023 Живот

Од утре гарантирана цена и за безалкохолните пијалаци, донесена одлука и за намалување на профитните маржи на овошјето и зеленчукот

- Гарантираната цена, освен кај прехранбените производи, од утре ќе важи и за безалкохолните пијалаци, газираната и негазираната вода и пивото. Покрај оваа одлука, денеска Владата на седница донесе одлука и за намалување на маржите кај овошјето и зеленчукот. Со ова се очекува намалувањето на цените да биде од 10 до 30 проценти.

Одлуката за намалување на цените, како што објави попладнево премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција, денеска ќе биде објавена во „Службен весник“ и од утре стапува на сила.

Највисоките цени на овие производи, со исклучок на енергетските пијалаци, се утврдуваат на нивото на цените кои се применувале на 19 септември, а трговците на мало се должни да ги сменат цените на овие производи и да ги одбележат со натписот „гарантирана цена“.

„Гарантираната цена“ за сите овие производи ќе важи до 30 ноември.

Претходно, Владата веќе овозможи 50 производи во 24 категории од пекарската, млечната и месната индустрија да се намалат за најмалку 10 проценти во однос на цената која ја имале на 1 август.

Во однос на овошјето и зеленчукот, денеска е донесена одлука за определување на највисока трговска (профитна) маржа. Во трговијата на големо таа се утврдува во вкупен износ до 10 проценти, а во трговијата на мало во износ од 15 проценти.

- Пред нас се одлуки за намалување на увозните давачки на свеж зеленчук, ориз, портокали, лимони, мандарини, како и намалување на царинските стапки на млечните производи со масленост над 10 проценти. И ова се одлуки кои ќе бидат донесени во текот на наредните денови, објавени и спроведени - рече Ковачевски.

Очекува дека со овие мерки ќе се стабилизира инфлацијата до крајот на годината.
Апелираше до трговците и до големопродавачите да ги почитуваат мерките, а граѓаните да алармираат до Државниот пазарен инспекторат за сите неправилности доколку ги воочат.

Извор: МИА
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот