X
 11.07.2024 Технологија

Дигиталните етикети можат да ја променат цената на намирниците 6 пати во еден час

Купувањето намирници во САД наскоро би можело да подразбира гледање во многу поголем број дигитални екрани. Ценовните ознаки, кои вообичаено се печатат поединечно за артиклите и за кои се користат хартија и мастило, полека се заменуваат со дигитални дисплеи за кои трговците велат дека ќе ја зголемат продуктивноста и потенцијално ќе ги намалат цените.

„Волмарт“, водечката национална самопослуга, неодамна ги објави плановите да ги прошири овие дигитални етикети на 2.300 свои продавници низ целата земја до 2026 година, што значи дека милиони потрошувачи ќе бидат изложени на технологијата. Исто така, ќе воведува динамични цени.

Како функционираат ваквите етикети?

Дигитални етикети на полиците се дигитални ценовни ознаки што може далечински да се приспособат. Иако овие дигитални ознаки се релативно вообичаени за намирниците низ Европа, тие почнале да се применуваат во САД кон крајот на минатата деценија. Иако етикетите може да се разликуваат во зависност од марката и производителот, тие генерално претставуваат мали екрани за е-хартија, напојувани од батерија, кои можат безжично да комуницираат со оддалечен сервер преку локална интернет-мрежа. Во случајот на „Волмарт“, вработените можат да пристапат и да го приспособат екранот преку централизирана мобилна апликација.

Етикетата покажува краток опис на производот заедно со неговата цена. Меѓутоа, овие паметни ознаки одат чекор подалеку со вклучување QR-кодови, кои клиентите можат да ги скенираат со своите телефони. Потрошувачите потоа се упатуваат на страница со дополнителни информации за некој производ, како што се неговото потекло и информации за исхраната или цена по тежина. Тој дополнителен контекст би можел да ги поттикне купувачите да прават поинформирани избори за купување.

Продавниците како „Волмарт“ се оптимисти дека ваквите дигитални етикети ќе ја подобрат нивната севкупна продуктивност и ефикасност. Продавниците на „Волмарт“ вообичаено имаат околу 120.000 производи, па сега работодавците ќе можат да користат мобилна апликација за брзо менување на цените - во лет. Ваквата технологија нуди можност за промена на цените на илјадници артикли одеднаш. Цените на одредени артикли може да варираат до шест пати на час кога се поставени дигитализирани етикети.

Работниците кои собираат предмети за испораки, исто така, можат брзо да пронајдат предмети со дигитални етикети преку нивната мобилна апликација. Дигитализираниот систем на цени ќе им даде на компаниите поголема контрола врз цените за артиклите што се приближуваат до нивниот датум на истекување, што, теоретски, може да доведе до фрлање помали количини храна.

Но, способноста да се менуваат цените во лет значи дека продавниците за храна кои ја користат технологијата, исто така, би можеле да ги намалат зголемените цени во стилот на „Убер“. Поентата е дека дигиталните етикети ќе им дозволат на трговците постепено да ги приспособуваат цените на производите, на пример на мисирката, во деновите или часовите пред празникот Денот на благодарноста.

Извор: popsci.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија