Италијанскиот режисер, сценограф и продуцент Бернардо Бертолучи почина денеска, на 77-годишна возраст.
Бертолучи е познат како режисер на филмови со светски успех. Меѓу нив се „Последниот император“, „Последно танго во Париз“ (кој има освоено 9 „Оскари“, вклучувајќи го и оној за режија), „Чај во пустината“, „Малиот Буда“ итн.
Последниот гранде маестро, како што го нарекуваат Италијанците, е роден во Парма на 16 март 1941 година. На почетокот на своето школување тој студирал на факултетот за модерна литература во Рим, а потоа ги напушта студиите за сметка на киното, станувајќи асистент на својот близок пријател Пјер Паоло Пазолини, правејќи ги воедно и првите чекори во седмата уметност - филмот. Благодарение на Пазолини, како и на интересот од страна на продуцентот Дел Лука, Бертолучи првпат работи како асистент на првиот филм од фријулијанскиот регион, Акатоне [1961], кога воедно ја сретнува и неговата идна сопатничка, актерката Адријана Асти.
Следната 1962 година со Тонино Черви како продуцент и Пазолини како сценарист го реализира првиот долгометражен филм „Мрачниот убиец“. Брзо се одделува од светот и поетиката на Пазолини за да ја следи својата индивидуална идеја за киното базирана на личности кои се наоѓаат пред нагли промени во нивниот свет. Tаквата тематика е практично присутна во сите дела на
Бертолучи.
Неговото име посебно е одбележано во 1972 со скандалот за филмот „Последно танго во Париз“. Во 80-тите години патува во странство, при што неговите остварувања (филмови и дела) се здобиваат со извонредна гледаност. Во 1987 го режира меѓународно познатиот филм „Последниот император“, кој е награден со повеќе „Оскари“, меѓу кои и за најдобар филм и за режија. Во 1990 патува во Мароко за филмот „Чај во пустината“, додека во 1993 работи на проектот за „Малиот Буда“ со Киану Ривс.
Последен филм му е „Јас и ти“ од 2012 година.