X
 27.09.2017 Култура

Излезе првиот трејлер за документарецот „Спилберг“


Стивен Спилберг
(Фото: Wikimedia Commons)


Излезе првиот трејлер за документарниот филм на Ејч-би-о за Стивен Спилберг, снимен под едноставен наслов „Спилберг“. Легендарниот режисер, кој својата кариера ја започна зад камерата, сега седна пред неа и со режисерката и продуцент Сузан Лејси одработи речиси 30-часовно интервју.

Документарецот, кој премиерно ќе биде прикажан на 7 октомври, дава опсежен увид во кариерата на Спилберг, но и детали за неговиот приватен живот, односот со актерите и другите режисери и за многу други работи. Така, меѓу другото, низ  филмот може да се сознае и за почетоците на кариерата на овој режисер, кога како младо момче снимал филмови на супер осумка (посветата на тие денови е одличен SF Super 8 на која работел со режисерот Џ. Џ. Абрамс).

Освен за почетоците, филмот говори и за тоа колку врз продолжението на неговата кариера влијание имало и познанството со великаните како Мартин Скорсезе и Џорџ Лукас, како и за најголемите препреки со кои се соочувал снимајќи некои од неговите најголеми филмски хитови. За целосна слика за Спилберг, режисерката Лејси интервјуирала и многу актери и режисери кои соработувале со него, па така во документарецот се појавуваат и Мартин Скорсезе, Лијам Нисон, Кејт Бланшет, Брајан де Палма и многу други.

Спилберг несомнено е еден од најголемите режисери во историјата на филмот и еден од ретките што успешно се занимавале со толку различни жанрови и теми. Освен тоа, Спилберг инспирирал и многу млади режисери со своите класици, како „Ајкула“ „Е.Т.“, „Блиски средби од трет вид“, „Индијана Џонс“..., едноставно има премногу филмови за сите да се набројат. Тој е еден од основачите на студиото „Дрим Воркс“ каде што се создадени класиците како „Спасувањето на војникот Рајан“ и „Шрек“. И досега медиумите многу пишувале за кариерата на Спилберг, но новиот документарец на Ејч-би-о ветува подлабок и поблизок увид во умот, фантазијата и креативниот процес на еден од најголемите мајстори на филмот.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура