X
 26.12.2022 Наука

Мајанска цивилизација од пред 2.000 години откриена во Гватемала

Истражувачи од неколку институции во САД, заедно со колеги од Франција и Гватемала, најдоа голема мајанска цивилизација стара две илјади години во Северна Гватемала. Групата го направила откритието користејќи го LiDAR.

Слично како радарот, LiDAR е систем за детекција кој се базира на ласерска светлина наместо на радиобранови. Истражувачите решиле да го искористат затоа што LiDAR може да пенетрира во дождовните шуми и да открие што има под нив.

Во соопштението за откритието се наведува дека истражувачите мапирале делови од Гватемала кога наишле на нешто што го опишуваат како голема древна мајанска цивилизација. Од мапите тие утврдиле дека праисториската цивилизација се состоела од повеќе од илјада градови распространети на површина од околу 1.700 квадратни километри. Друго откритие што е спротивно на верувањата дека населбите во Средна Америка биле ретко населени е тоа што лицата кои порано живееле таму биле блиско групирани. Имало и 177 километри насипи, кои го упростувале патувањето на жителите до соседните заедници.

Во некои од заедниците биле забележани и големи платформи и пирамиди, за што експертите велат дека сугерира дека некои од нив служеле како центри за политика, работа и забава. Дополнително, тие споменуваат дека некои од населбите имале градби што се користеле за регионални игри, според претходна студија. Истражувачите откриле и дека жителите изградиле и резервоари и канали за да пренесуваат и зачувуваат вода.

Откритијата се објавени во „Ејншнт Месоамерика“.

Извор и фото: Interesting engineering
Подготвил: Билјана Арсовска
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука