Како и во повеќето училишта, и во нашето недостигаат нагледни и едукативни средства. Особено за помалите ученици на одморите или на часовите по физичко. Кога ја споделив идејата со колегата и со учениците, беа среќни што освен што дворот ќе изгледа убаво, ќе има и каде да си играат и да учат. Се договоривме да донесат нараквици и да се облечат во постари алишта, а по часовите започна нашата мала авантура. На почетокот го нацртавме заедно со креди, а потоа следуваше возбудата со боењето. Децата беа внимателни и со радост ја боеја секоја нова едукативна игра - вели Лила Арсова, одделенска наставничка во ОУ „Васил Главинов“ во Велес, која заедно со учениците го направи школскиот двор омилено сврталиште.