X
 16.10.2017 Култура

Како кај децата да создадете навика за учење од најмала возраст


Детенце гледа во книга во рацете на родителот
(Фото: Pixabay)


Секој родител е првиот учител на своето дете. Децата почнуваат со учење речиси веднаш по раѓањето. Со секој збор и секоја активност, родителот има клучна улога во формирањето на детскиот мозок, кој има капацитет да впива сè – како сунѓер. 

Затоа, размислете каква интеракција остварувате со вашето дете. Дали му читате наглас? Дали разговарате и му пеете на вашето бебе? Ако вашиот одговор гласи „да“, тогаш сте на добар пат.

Зборувајте, зборувајте и – зборувајте

Децата го учат јазикот слушајќи ги зборовите што вие ги кажувате. Што повеќе разговарате со вашето малечко, и што повеќе зборови користите во негово присуство, тоа ќе формира и побогат речник. Затоа, користете ја секоја можност да разговарате со детето – кога го храните, кога го бањате или кога сте на прошетка.

Развивајте ги неговите вештини


Штом рачињата доволно ќе му пораснат, почнете да му помагате на детето да изгради фини моторички вештини преку активности кои вклучуваат правење разни работи од пластелин. Потоа, преминете на цртање и боење. Со текот на времето развиените вештини на рацете им помагаат на децата полесно да ги совладаат техниките на пишување и цртање.

Бидете добар пример

По својата природа децата се имитатори. Ако гледаат дека вие издвојувате време за читање, можеби и тие сами ќе посакаат да го прават истото. Ако вие во вашиот распоред испланирате и време за читање и пишување, тоа за детето станува модел на посакувано однесување, кој ќе се обидува да го усвои со успех.

Искористете ги неговите интереси


Децата се љубопитни и самостојно си развиваат сопствени интереси. Искористете го тоа како помош во учењето, така што ќе им набавите книги на теми кои го интересираат детето и поттикнуваат креативна игра која вклучува пишување и цртање.

Обезбедете му на детето простор за креативност

Поттикнете ја креативноста на детето така што ќе му обезбедите креативен простор каде што ќе може да ја изрази својата уметничка страна и да измислува нови работи. Во тој простор треба да има боички, хартија, стари весници и разни други материјали за правење сè и сешто.

Треба да пеете, и да пеете

Свесноста за гласовите во опкружувањето почнува да се развива со развојот на способноста на децата внимателно да слушаат. Затоа, научете го детето да обрнува внимание на сите видови звуци. Почнете така што ќе му пуштате разни видови музика или, пак, ќе плескате со рацете во ритамот на музиката. Пејте му на бебето кога му ги менувате пелените, кога го бањате, храните или при секојдневните активности.

Редовно читајте му приказни за добра ноќ


Еден од најдобрите начини детето да развие љубов и интерес кон читањето е да му читате приказни барем 20 минути дневно. Затоа, навечер, пред спиење, треба да одвоите време за читање, и ќе видите дека тоа има долгорочна корист.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура