Ве боли желудникот, ви се врти и целосно сте исцрпени? Ова не само што е непријатно чувство, туку може да доведе и до прејадување со храна со помала хранлива вредност.
Кога стомакот е празен, тој ослободува грелин, хормон на гладот. Грелинот се произведува во цревата како одговор на стандардниот распоред на оброци и самиот поглед или мирис на храната, а дејствува така што му сигнализира на мозокот дека на телото му треба повеќе енергија или храна.
Нивото на допамин се намалува
Улогата на грелинот во контролирањето на центарот за наградување на мозокот е доста моќна и може да биде еден од факторите што придонесуваат за исцрпеност кога сте гладни. Според студија објавена во списанието „Неурофармаколоџи“, кога истражувачите стимулирале глувци со системски грелин, но всушност не им дале храна, нивото на допамин во нивниот мозок паднало.
Фото: Freepik
Бидејќи допаминот е невротрансмитер кој помага за подобрување на менталната функција и концентрација, дури и мала промена во неговото ниво може да влијае врз способноста за концентрирање. Понатаму, овој невротрансмитер е задолжен и за држење на емоциите под контрола, па полесно ќе се налутите ако сте гладни.
Истиот ген ги контролира гладот и гневот
Друга причина зошто сте лути кога сте гладни е исто така поврзана со хормонот на гладот. Откако грелинот ќе се произведе во цревата и ќе стигне до мозокот, мозокот потоа наредува ослободување на друг хормон наречен невропептид Y, кој го стимулира апетитот.
Според една студија, луѓето со високо ниво на невропептид Y во цереброспиналната течност биле поагресивни и поимпулсивни.
На мозокот му недостига храна
25 отсто од енергијата што ја внесувате со храната се користи само за мозокот. Така, кога ќе ви падне шеќерот во крвта, може да почувствувате недостиг на ментална острина.
Нивото на хормонот на стресот се зголемува
Ако нивото на шеќер во крвта опадне, мозокот тоа ќе го сфати како ситуација опасна за живот. Потоа ќе им наложи на органите да почнат да синтетизираат и ослободуваат хормони кои ќе го стимулираат порастот на шеќерот во крвта.
Овој ефект, наречен контрарегулаторен одговор на гликоза, предизвикува вашето тело да го зголеми производството на хормони кои директно може да сигнализираат за конверзија на складираниот гликоген во гликоза, како што е хормонот глукагон, но и неколку видови хормони на стрес. Овие хормони на стрес се ослободуваат во сите видови стресни ситуации, не само кога сте гладни.
Извор:
6yka.com
Фото: Freepik