X
 27.07.2025 Технологија

5 милијардери лансираат нова програма за намалување на сиромаштијата

Пет од најистакнатите филантропи во Америка ги здружија силите во нов потфат чија цел е да им помогнат на Американците со ниски приходи да се извлечат од сиромаштијата со помош на вештачката интелигенција.

Добротворните фондации на милијардерите Бил Гејтс (116,9 милијарди долари), Чарлс Кох (67,5 милијарди долари), Стив Балмер (142,5 милијарди долари), основачот на „Интуит“, Скот Кук (7,7 милијарди долари) и инвеститорот во хеџ-фондови Џон Овердек (7,4 милијарди долари) објавија повеќе од 1 милијарда долари за ново филантропска организација фокусирана на економската мобилност наречена „Некст ладер вентурс“ (НЛВ).

Организацијата ќе соработува со гигантот за вештачка интелигенција „Антропик“ за да ги поддржи организациите што користат вештачка интелигенција и други нови технологии за подобрување на финансиската состојба на Американците со ниски приходи.

- Цели заедници се распаѓаат, а можноста за напредок им се губи на премногу луѓе. Особено на оние на кои им е најпотребна. Стапките на самоубиства се зголемуваат, како и смртните случаи од предозирање со дрога... Америка се движи кон општество со две класи каде што помалку луѓе напредуваат, а повеќето заостануваат - напишал Кох во својата најнова книга.

Сега, Кох, заедно со уште четири милијардери се надева дека ќе помогне во промената на тој тренд.

-Возбудливо е што оваа иницијатива ја водат поединци и организации со долга историја на инвестирање во економски можности - вели извршниот директор на НЛВ, Рајан Рипл.

Претходно тој водеше програми за економска мобилност во Фондацијата „Гејтс“. Тој беше вршител на должноста шеф на кабинетот на директорот на фондацијата и специјален асистент на нејзиниот копретседател, Бил Гејтс. Рипл е особено посветен на мисијата. Тој пораснал во дом со самохран родител во Мисури откако неговиот татко починал во сообраќајна несреќа во 1985 година. Тој ја загубил мајка си речиси две децении подоцна од рак на дојка. Наследил стотици илјади долари медицински долг поради недостиг на квалитетно осигурување.

Повеќе од еден од 10 Американци живеат под линијата на сиромаштија, според Бирото за попис на САД. Во исто време, повеќе од половина од Американците немаат економска сигурност. Тоа значи дека не можат да заштедат пари откако ќе ги покријат месечните трошоци, според непрофитната организација „Урбан институт“. Напредокот во вештачката интелигенција и другите технологии би можел да игра голема улога во решавањето на овие проблеми.


Инвестиција од 1 милијарда долари

„Некст ладер вентурс“ планира да инвестира 1 милијарда долари во текот на следните седум години за поддршка на непрофитни организации и профитни организации кои ја делат нејзината мисија. Тоа ќе го стори преку комбинација од грантови, инвестиции во акции и финансирање базирано на приходи. Наместо удел во сопственост, ќе добие процент од продажбата. Сите профити од овие инвестиции и аранжмани за финансирање базирано на приходи ќе бидат реинвестирани во филантропската мисија на организацијата.

„Антропик“ ќе им обезбеди на корисниците моќ за обработка на вештачка интелигенција и техничка помош без трошоци за да им помогне да воведат иновативност и побрзо да ги донесат своите технолошки решенија на пазарот.

Се планира да се привлечат нови филантропски партнери и да се соберат дополнителни средства во текот на следните 15 години. Исто така, целта е инспирирање на други јавни и приватни извори на финансирање за да помогнат во изградбата на пазар што им помага на сиромашните Американци, социјалните работници, адвокатите за правна помош и другите клучни даватели на услуги да ги надминат најитните економски бариери.

Овие бариери вклучуваат губење на работа, нестабилност во домувањето, грижа за деца, здравствени кризи и бришење на криминалното досие.

Гејтс донирал речиси 50 милијарди

Заедно со неговата поранешна сопруга Мелинда Френч Гејтс, Бил Гејтс веќе донирал околу 47,7 милијарди долари. Речиси сите преку Фондацијата „Гејтс“. Парите отишле во организации што се занимаваат со здравство и намалување на сиромаштијата. Според годишниот извештај за 2024 година, Фондацијата „Гејтс“ доделила речиси 200 милиони долари грантови минатата година, преку програми за економска мобилност и јакнење на жените во САД.

Наследникот на Гејтс на чело на „Мајкрософт“, Стив Балмер, заедно со неговата сопруга Кони, досега донирал околу пет милијарди долари на организации што се фокусираат на економска мобилност.

Во меѓувреме, Чарлс Кох донирал околу 1,9 милијарди долари на непрофитни организации. Тие работат на образование, намалување на сиромаштијата и реформи во правосудството.

Иако основачот на „Интуит“, Скот Кук, и инвеститорот во хеџ фондовите, Џон Овердек, сè уште не се меѓу првите 25 филантропи, тие донирале речиси 500 милиони долари преку своите фондации.

И додека овие пет милијардери и нивните фондации ќе продолжат да развиваат свои сопствени иницијативи, тие ќе соработуваат преку НЛВ за прашања поврзани со економската мобилност, најмалку во следните 15 години.

Извор: forbes.dnevnik.hr

Фото: YouTube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија