X
 18.10.2020 Живот

Во најсиромашниот дел од светот се наоѓа рајот за милијардерите

Островот Банана е мал вештачки остров кој бил завршен во 2000 година. Тој е рај за милијардерите бидејќи тука се населени најбогатите и најпознатите семејства, кои уживаат во неговата тивка, мирна атмосфера далеку од бучавата и метежот во Лагос, најголемиот град и финансиски центар на Нигерија.

Името го добил по тоа што со формата потсетува на жолтото егзотично овошје. Се наоѓа на повеќе од 8 километри источно од плоштадот Тафава Балева, трговското и церемонијално срце на Лагос.

Како и во остатокот од земјата, цените на недвижностите на островот се формираат врз основа на вредноста на земјиштето, што според податоци од реномирана компанија за недвижности изнесува 1.101 долар за квадратен метар. Цените на одвоени куќи, кои ретко се појавуваат на пазарот бидејќи ги нема многу на островот, почнуваат од 2,75 милиона долари.

banana
Фото: Instagram

На островот претежно има градски куќи што зафаќаат околу 400 квадратни метри, на околу 1.000 квадратни метри земјиште. Островот има и три истакнати апартмани: „Оушн парејд тауерс“, „Бела виста тауерс“ и „Лејкпоинт апартментс“. Првично, островот требало да биде исполнет со одвоени куќи и имоти поделени на 535 парцели, а висината на куќата требало да биде ограничена на максимум три ката.

Првите куќи биле изградени на јужната страна на островот, но како што цените на земјиштето низ годините нагло растеле, на северната страна биле изградени станови и станбени згради. Постојат три високи згради: „Адунола“, „Лејкпоинт тауерс“ и „Десидерата“.

Првите куќи биле изградени во традиционален стил на Велика Британија и Дубаи, со големи, убави градини.

lagos
Фото: Instagram

Што го прави овој остров уникатен?

Според локалните експерти, островот е изолиран и на жителите им нуди сè што сакаат. Има паркови, обезбедува сигурност, спокој и приватност. За да стигнете до островот, мора да поминете низ безбедносна порта. Автомобили едвај има на островот, а претежно секој што пристигнува или живее таму или има покана.

Предноста е во тоа што можете да џогирате на мир, да шетате и да уживате, далеку од метежот и сообраќајот. Исто така, она што го прави посебен се островските заштитни мрежи, добрите патишта, уличното осветлување што го има 24/7, близината на водата и лагуните. Купувачите имаат на располагање станови со две до четири спални и куќи со тераси.

Претежно има прототип-куќи, но има купувачи кои градат и по своја желба, додека базените се неизбежни. Исто така, речиси секоја куќа има сала за вежбање, додека зградите се со модерен стил, видеокамери, интерфонски системи и слично.

Извор: Telegraf.rs
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот