Студентите на Факултетот за електротехника и информациска технологија ја отворија јубилејната, десетта Студентска конференција за енергетската ефикасност и одржлив развој. Во наредните четири дена ќе се организира презентација на 30 научни труда од студенти, разни предавања од професори и презентации на компании.
За Емилија Наумоска, претседател на СКЕЕОР, во година на економска и енергетска криза, глобално затоплување и климатски промени, особено доаѓа до израз непроценливото значење на конференции и организации како што е оваа, каде што младите двигатели на промените во општеството презентираат свои истражувања, идеи и решенија во областа на енергетската ефикасност и одржливиот развој, со една цел – достапна и чиста електрична енергија и одржлива иднина.
Годинава на конференцијата учествуваат 30 учесници од Македонија, Косово и од Србија кои ќе презентираат 20 труда. Низ конференцијата, во изминатите десет години, минале повеќе од 1.500 учесници, речиси 300 изработени студентски трудови и се претставиле повеќе од 50 компании и институции препознатливи по дејствувањето во доменот на енергетската ефикасност и одржливиот развој.
- Пред 10 години се роди свежа студентска идеја, порив за искажување на гласот на младите, потреба за активно вклучување во креирањето на иднината, која капка по капка го дава својот придонес во промоцијата на енергетската ефикасност и одржливиот развој. Израснувајќи од срамежлив обид на неколку студенти ентузијасти, студентската конференција СКЕЕОР од година на година прераснува во значаен чинител во промовирање на енергетските цели. СКЕЕОР со своето дејствување се етаблира како платформа за интеракција меѓу младите, академската средина и компаниите, но и јавниот сектор, правејќи цврста синергија помеѓу нив за развивање и споделување идеи, но и овозможување нивна реализација, за што особено се важни компаниите и јавните институции кои ја поддржуваат конференцијата - рече професор д-р Лихнида Стојановска-Георгиевска, координатор на СКЕЕОР.
Според неа, 2022 не е само година на предизвици, како енергетски, безбедносни, и здравствени, туку е и година на надеж и година која ветува, бидејки се одбележува како Европска година на младите за да се стави светло на важноста на младите во градењето подобра иднина – зелена, инклузивна и дигитална.
За Димитар Ташковски, декан на Факултетот за електротехника и информациска технологија, СКЕЕОР веќе не е само меѓународна конференција, туку институција која се гради една деценија со ангажман на студентите.
- Со континуирана и посветена работа може да се постигнат резултати. Ние како факултет мора да признаеме дека сме мотивирани и од самите студенти во подобрување на енергетската ефикасност и во придонесот за одржлив развој. Во таа насока, направивме реконструкција на фасадата со енергетски ефикасна фасада, инсталиравме три фотонапонски централи со вкупна моќност од 32KW, инсталиравме систем за следење потрошувачката на енергија во реално време, ја заменивме речиси целата надворешна топловодна инсталација, континуирано ги менуваме светилките со штедливи светилки, инсталиравме полнач за електрични возила. Со сите овие активности, потрошувачката на електрична енергија во последните 5-6 години е намалена за половина - рече Ташковски.
Дека оваа конференција е значајна за младите луѓе - студентите, потврди професор д-р Христина Спасевска, проректор на УКИМ и претседател на Инженерската институција на Македонија.
- За Универзитетот давате поттик дека младите може многу да направат во претставување на своите знаења и пример на другите студенти да го следат вашиот пример. Вас како студенти ве учи да работите тимски при организација на настанот и да откриете дека научноистражувачката работа не се работи самостојно, ако сакате да бидете успешни истражувачи во компании или академијата. Исто така, конференцијата ве учи дека престижна наука во мала држава како што е нашата се остварува само со интердисциплинарност и интернационализација - рече Спасевска.
(Комерцијална објава)