Со оглед на тоа што доаѓа зима, времето е студено, а и препораките се да не излегуваме доколку не е неопходно, најдобро е да побегнеме во светот на новите хит-серии.
Таму оваа есен нѐ очекуваат Никол Кидман, Хју Грант, Кејли Квоко, Хју Лори, Лин-Мануел Миранда и многу други.
1. „Слом“
Во центарот на вниманието оваа есен е семејната драма што со секоја нова епизода се претвора во крими-приказна. Станува збор за мини-серијата „Слом“. Хју Грант и Никол Кидман се брачен пар кој навидум има идиличен живот во високата класа на Менхетн. Но сѐ се менува кога сопругот ќе биде поврзан со смртта на една млада девојка.
Кој е убиецот, каква врска има со нив и кого јавноста ќе го осуди без судење.
2. „Триесет парички“
Доколку не сакате американски серии и актери, тогаш ви ја препорачуваме новата шпанска серија на режисерот Алекс де ла Иглесија, која на 29 ноември ќе има премиера на Ејч-би-о. Насловот на новата серија е референца на паричките што ги добил Јуда за да го предаде Исус.
3. „Стјуардеса“
Ова е нова серија со актерката од серијата „Теорија на големата експлозија“, Кејли Квоко. Таа глуми стјуардеса која по лудата ноќ во Бангкок, со мистериозен патник од авион, е барана за убиство.
4. „Прегазување“
Хју Лори продолжува да испорачува нови интересни улоги на малите екрани. По сериите „Потпретседателка“ и „Авенија 5“, тој повторно е на малите екрани, овој пат во улога на политичар, во новата серија на Би-би-си, „На удар“. Афери, тајни и интриги од политичката сцена на Британија, со стандардно мрачен британски хумор, се доволно причини за да ја гледате оваа серија.
5. „Дамски гамбит“
Серијата во
седум епизоди раскажува за девојка што во 60-тите години се стреми кон врвот во играњето шах. Наречена по шаховски потег, серијата го следи животот на шаховското чудо Бет Хармон, чиј талент е откриен од старателот во сиропиталиштето. Во серијата Ања Тејлор-Џој ја глуми Елизабет Хармон, харизматична генијална девојка која влегува во светот на шахот каде што доминираат мажите. Но, најголемата ѕвезда во серијата, можеби и повеќе од Тејлор-Џој, е самиот спорт: шахот.
6. „Нормални луѓе“
Базирана на романот на Сели Руни, оваа серија ја следи кревката и комплицирана врска помеѓу Мериен и Конел, од крајот на нивните училишни денови во еден мал град во Ирска до нивните факултетски денови.
Фото: Screenshot/YouTube