28.05.2019
Наука
Во карпа во Јужна Африка откриена вонземна материја
Во нов труд на Центарот за молекуларна биофизика ЦНРС во Франција научниците тврдат дека откриле вонземна органска материја „заглавена“ во вулканска карпа на планината Маконџва во Јужна Африка. Материјата е стара повеќе од три милијарди години.
- Ова е првпат да откриеме вистински докази за вонземен јаглерод во карпа - изјави Франсес Вестал, астробиолог од ЦНРС.
Од праисторијата Сончевиот Систем со метеорити и други вселенски тела ја „бомбардирал“ Земјата, а според некои теории, дел од тие надворешни вселенски материи го овозможиле настанокот на животот на нашата планета. Новите наоди можеби и го потврдуваат сето тоа.
- Имено, на некои карпи се пронајдени и наночестички од никел, хром и железо, што не е вообичаено кај обичните овоземни карпи. Ова посочува дека тој слој од камења се појавил по судир со вселенско тело - објаснува Дидие Гурие, водечки автор на истражувањето од Истражувачкиот универзитет ПСЛ.
Во заклучокот на научниот труд се вели дека, веројатно, вонземната органска материја паѓала на 3емјата со микрометеорити кои се измешале во атмосферата со вулканска пепел, а потоа биле втиснати во вулканските карпи на планината Маконџва.
Извор: МИА