„Букинг“, една од најпопуларните онлајн платформи за сместување, предупредува дека вештачката интелигенција предизвикува експлозија од измами.
Марни Вилкинг, директорка на компанијата, вели дека бројот на измами се зголемил од 500 на 900 отсто во последните 18 месеци. Откако на пазарот се појавија алатките за вештачка интелигенција, како што е „Чет-ГПТ“, значително се зголемија измамите со „фишинг“ (фишинг од англиски во превод е риболов), еден вид хакерски напад, посочува таа.
- Имаше фишинг дури и пред пораките на е-пошта, но случаите се зголемија со создавањето на „Чет-ГПТ“. Измамниците користат алатки за вештачка интелигенција поради сите работи што можат да ги направат, тие ја имитираат е-поштата најверодостојно досега - истакнала таа.
Фишингот започнува со испраќање е-пошта или друг вид порака што изгледа како да доаѓа од некој на кого му верувате или има авторитет. Понекогаш, наместо е-пошта или порака, се креира лажна веб-локација, која е идентична на страницата на банка, социјална мрежа или компанија чија услуга се користи. Целта на фишинг-нападот е жртвата да открие некои информации, да внесе лични податоци, да кликне на врската или да преземе злонамерна датотека, односно вирус на компјутер или телефон.
Со внесување на податоците, хакерот ги презема. Напаѓачите често таргетираат локации како „Букинг“ или „Ербиенби“ бидејќи луѓето ја даваат адресата на местото на престој при резервацијата. Откако клиентот ќе плати, измамниците исчезнуваат без трага, оставајќи ги луѓето без сместување, а понекогаш со последователни пораки се обидуваат да им земат дополнителни пари.
Ваквите измами постојат со децении, а пораките често имаат правописни и граматички грешки.
Марни Вилкинг предупреди дека со алатките за вештачка интелигенција потешко е да се открие измама, бидејќи тие генерираат реални слики и многу попрецизни текстови на повеќе јазици. Таа апелирала до сопствениците на хотели и патниците да проверат двапати, како што е внесување на кодот испратен до мобилен телефон, бидејќи, како што вели, тоа е „најдобар начин за борба против фишинг и кражба на податоци“.
И покрај критиките за вештачката интелигенција и нејзината улога во измамите, Вилкинг истакнува дека технологијата му помага на „Букинг“ да ги отстрани лажните хотели што се обидуваат да измамат луѓе.
- Користевме ВИ-модели за да ги откриеме и блокираме пред да бидат направени какви било резервации - објаснила таа.
Џејн Хокс, експерт за правата на потрошувачите во туристичката индустрија, вели дека компаниите треба да ги информираат луѓето за потенцијалните измами.
- Тие се должни да ги советуваат патниците и да ги водат како да ги минимизираат ризиците од измама. Проверете дали информациите за контакт се лесно достапни на страницата, дали има телефонски број, бидејќи многу лажни страници немаат - апелирала таа.
Таа препорачува и превозот и сместувањето да се резервираат во исто време, а сѐ да се плати со кредитна картичка.
Извор: bbc.com/serbian
Фото: Freepik