X
 28.10.2020 Наша тема

За 10 години масовно ќе изумрат ендемичните и реликтните видови во Охридското Езеро, алармира проф. д-р Златко Левков од Институтот за биологија

Пошироката македонска јавност воопшто не е запознаена со значењето на Охридското Езеро. Имам чувство дека и политичките фактори, било на национално било на локално ниво, немаат поим што значи Охридското Езеро, вели Левков

Подлабоките делови од Охридското Езеро, место каде што живеат најзначајните видови организми, во 2031 година ќе бидат анаеробни – нема да има кислород неопходен за да дишат. Тоа ќе доведе до масовно изумирање на организмите и губење на голем дел од ендемичните и реликтните видови. На крајот, ќе го изгуби епитетот најзначајно езеро во Европа и светот, поради профитот на неколку луѓе и немањето волја да му се стави крај на дивеењето, вели проф. д-р Златко Левков од Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје во интервјуто за Факултети.мк.


Проф. д-р Златко Левков / Фото: Борче Поповски

Повод за разговорот со проф. Левков беше објавувањето научен труд во Science Advances, едно од најпрестижните научни списанија, кој се однесува за дијатомеите (едноклеточни организми, алги) од Охридското Езеро. Трудот е резултат на истражување на меѓународен тим научници, а неодамна за него пишување и реномираниот германски весник „Шпигел“. Но, Левков отвора многу важни прашања што се однесуваат на Охридското Езеро и алармира дека отчукуваат последните секунди за спас на еден од најважните екосистеми во светот.

Деновиве реномираниот германски весник „Шпигел“ објави текст за Охридското Езеро. Која беше причината?

- Поводот за објавување на статијата во „Шпигел“, но и слични вакви статии во други весници низ Европа, беше излегувањето од печат на труд во едно од најпрестижните научни списанија - Science Advances, кој се однесува за дијатомеите (едноклеточни организми, алги) од Охридското Езеро. Но, главната причина е запознавање на пошироката јавност со научните достигнувања на локалните и интернационалните тимови научници кои се добиени со истражувањата во изминатите седум години. На тој начин се врши промоција, а истовремено и информирање на јавноста за значењето на науката, но и потенцирање на одредени локалитети со висока вредност, како што е Охридското Езеро, кои се специфични и вредни за заштита.

На што се однесува трудот на меѓународниот тим научници?

- Трудот се однесува на брзината на создавање нови видови (специјација) и исчезнување на ендемичните видови. Во изминатиот период беа направени голем број анализи и модели со кои би се определила брзината, како и факторите што влијаат врз формирањето на нови видови, но истовремено и факторите што доведуваат до исчезнување (изумирање), особено на ендемичните видови во езерото. Во светот постојат многу мал број стари езера кои се постари од еден милион години, како што се Бајкалското Езеро, Тангањика, Бива, Аоки, Титикака и се разбира Охридското и Преспанското Езеро. Повеќето од нив се карактеризираат со голема биолошка разновидност и присуство на многубројни ендемични видови.


Amphora transsilvanica / Фото: Златко Левков/Душица Заова

Оттука произлегуваат многу клучни прашања: кои се причините што доведуваат до тоа овие езера да имаат голем број видови; кога тие видови ги населиле езерата; дали тие видови се настанати во самите езера или се доселени од околните води; ако се настанати во езерата, кога се случило тоа и кои се причините што довеле до нивно формирање; кои се причините некои видови да изумрат, и на крајот, како ендемичните видови опстанале во езерата во период подолг од еден милион години? Одговорите на овие базични биолошки прашања можат да се добијат само со истражувањата на мал број екосистеми, како што се геолошки старите езера како Охридското Езеро. За да се добијат одговори на овие прашања, беа спроведени долгогодишни истражувања на алгите (дијатомеи) од Охридското Езеро и во рецентни примероци и акумулираниот седимент во Охридското Езеро со старост од околу 1,36 милион години. Добиените резултати од овие истражувања се единствени во светот и се од исклучително значење бидејќи даваат можни одговори на дел од наведените прашања.

Каков беше уделот на македонските научници во истражувањето?

- Лабораторијата за систематика и филогенија на алги при Институтот за биологија, при Природно-математичкиот факултет во Скопје, веќе две децении интензивно работи на Охридското Езеро. Како резултат на истражувањата се објавени над 60 научни трудови, како и седум монографии за дијатомеите од Охридското Езеро, што резултираа со опишување на над 150 нови видови дијатомеи за науката од езерото. Како лабораторија со најголемо искуство во познавањето на дијатомеите од Охридското Езеро, бевме вклучени, пред сè, во идентификацијата на видовите и определувањето на нивната застапеност во седиментната секвенца. За таа цел, во 2013 година во рамките на проектот The Scientific Collaboration on Past Speciation Conditions in Lake Ohrid (SCOPSCO) беше собран седимент од Охридското Езеро во должина од околу 580 м, со проценета старост од околу два милиона години. Анализите на дијатомеите, нивната припадност, застапеност, екологија, еволуција и филогенија се работени и сè уште се работат од македонски научници, дел во Р. Македонија, дел во лабораториите во Германија и Холандија. Во секој случај, огромна улога во истражувањата на Охридското Езеро имаат многу научни кадри, меѓу кои се истакнуваат д-р Елена Јовановска, д-р Александра Цветкоска и Душица Заова.

Во научна смисла, зошто Охридското Езеро се посочува како едно од најбитните езера во светот? Какви информации за минатото, еволуцијата содржи ова езеро?


- Охридското Езеро е уникатен екосистем во светски рамки. Охрид не е само најзначајно езеро во Македонија, туку и во Европа, па и во светот. Неговата значајност не произлегува само од тоа што е едно од најстарите езера, туку пред сè од неговиот жив свет. За разлика од некои други стари езера, како што се Тангањика, Малави, Титикака и други, Охридското Езеро не доживеало еколошка катастрофа (пресушување, големи вулкански ерупции, драматично намалување на нивото на водата, салинизација итн.) во текот на својата геолошка историја. Тоа би значело дека видовите што го населиле некогашното езеро од пред неколку милиони години сè уште егзистираат и денес - постои континуитет во живиот свет. Од друга страна, собраниот седимент во рамките на проектот SCOPSCO содржи исклучително добро зачувани фосили, особено дијатомеи, кои даваат континуирана информација за климатските и генерално еколошките промени во езерото и неговата околина во текот на изминатите два милиона години. Добрата зачуваност на фосилите овозможува и следење на морфолошките промени на видовите, односно следење на еволуцијата и утврдување на факторите што влијаат врз неа, како и врз појавата на нови и исчезнување на видовите.


Campylodiscus-echinatus / Фото: Златко Левков/Душица Заова

Добиените резултати укажуваат дека дека дел од видовите што го населиле езерото пред два милиона години егзистираат и денес – тие се живи фосили или реликти од далечното минато. Дел од видовите се исчезнати поради различни еколошки влијанија, додека дел се промениле и се адаптирале на новите услови. Практично, со овие истражувања се даде одговор на прашањата: кои се факторите што влијаат врз брзината на настанување на нови видови и исчезнување на дел од видовите. Резултатите покажуваат дека пред околу 1,3 милион години до пред еден милион години езерото било многу подинамично и промените во живиот свет биле поинтензивни. Пред околу 800 илјади години езерото ја добива сегашната позиција и карактеристики, односно преминува во длабоко и стабилно езеро. Со тоа бројот на видови дијатомеи во езерото се стабилизира, односно се намалува интензитетот на формирање, но и изумирање на видови. Сепак, и покрај релативно големата отпорност на езерото кон еколошките промени, дел од видовите, особено во планктонот (организми што живеат во слободната водена маса), исчезнуваат и се заменуваат со нови, а дел се адаптираат на промените. Овие резултати покажуваат дека ендемичниот вид Cyclotella hustedtii минал низ 20-ина етапи на морфолошки промени за да го добие денешниот изглед. Тоа е нешто уникатно и досега непознато во светската јавност, дека еден вид се менувал 20-ина пати во текот на својата еволуција.

Колку македонската јавност е свесна за значењето на Охридското Езеро?

- Генерално, сметам дека пошироката македонска јавност воопшто не е запознаена со значењето на Охридското Езеро. Имам чувство дека и политичките фактори, било на национално било на локално ниво, немаат поим што значи Охридското Езеро. Ова не е само во сегашноста, туку се провлекува во изминатите 50-ина години, започнувајќи со неколкуте катастрофални грешки: пренасочувањето на реката Сатеска во Охридското Езеро и третирање на езерото како депо на седимент заради заштита на вештачките акумулации Шпилје и Глобочица, преку индустријализација во Охридскиот Регион и испуштање на индустриските отпадни води директно во езерото и на крајот немањето основна визија дека во Охридскиот Регион нема канализација во 21 век. Сите овие грешки, дополнително со оптоварувањето преку екстремната урбанизација на регионот заради профит на мал број луѓе, масовен туризам и комплетно и безумно уништување на крајбрежниот регион (плажи, шанкови, викендички, хотели), само дополнително ја влошуваат и онака кревката состојба со езерото. Научните податоци покажуваат дека подлабоките делови од езерото, односно местото каде што живеат најзначајните видови организми, во 2031 година (за 10 години отсега) ќе бидат анаеробни (ќе отсуствува кислород потребен за дишење на овие организми). Тоа ќе доведе до масовно изумирање на организмите и губење на голем дел од ендемичните и реликтните видови. На крајот тоа ќе значи дека Охрид ќе го изгуби епитетот НАЈЗНАЧАЈНО езеро во Европа и светот, поради профитот на неколку луѓе и немањето волја да му се стави крај на дивеењето.


Фото: Pixabay

Очигледно е дека никој не ја прашува за мислење науката во Македонија, а и тоа што таа ќе го објави како резултат на макотрпна и долгогодишна работа се игнорира од сите засегнати страни. Ниту медиумите ниту власта не покажува апсолутно никаков интерес да ја образова и информира македонската јавност за огромното значење на езерото. Единствено кога ќе се појави одреден проблем, тогаш заради одредени, главно политички цели, се информира за Охридското Езеро и потоа за многу кратко време и проблемот и значењето на езерото исчезнуваат од етерот. Или накратко, состојбата со познавањето на значењето на Охридското Езеро не е лоша, туку е катастрофална.

Како овие меѓународни научни проекти влијаат врз развојот на биологијата како наука во Македонија и што значат за нашите научници?

- Меѓународните проекти се од клучно значење за развојот на македонската наука бидејќи друг извор за финансирање речиси и да не постои или информациите за финансирање на проекти не се дистрибуираат до вистинското место. Во изминатите 15 години од Министерството за (не)образование и (не)наука (МОН), како и од Министерството за животна средина мојата лабораторија нема добиено ниту еден денар. Сите истражувања што се спроведени или се спроведуваат во лабораторијата се исклучиво финансирани од меѓународни извори или од лични средства. Како резултат на овие истражувања се објавени вкупно 109 научни трудови и седум монографии со опис на околу 500 нови видови за наука, не само од Македонија, туку од сите континенти (Америка, Азија, Австралија, Антарктик). Очигледно е дека нашите истражувања објавени во најдобрите светски списанија (Science Advances, Nature, Phytotaxa и др.) се несоодветни за македонските институции. Или би цитирал еден од поранешните македонски министри во МОН: „А зошто барате проекти за истражување, нели сè е истражено“.


Со студентите во лабораторијата на Институтот за биологија / Фото: Борче Поповски

Со ваква структура на македонските институции, единствено останува ентузијазмот на поединците, кој е барем препознаен од меѓународната јавност, па со нивна помош колку-толку се успева да се афирмира македонската наука, за која ретко кој е заинтересиран во државава. Со големо жалење можам да констатирам дека поради апсолутната незаинтересираност на македонските институции, моите најдобри студенти си заминаа од Македонија и сега се афирмирани научници во други земји, кои не инвестирале ниту еден денар во нивната едукација, а добиле најдобри кадри. За жал, овие ситуации продолжуваат и во сегашноста, а веќе не сум преголем оптимист дека во догледно време ќе се промени на подобро. Искрено, многу би бил среќен да имам погрешна перцепција и конечно МОН да финансира научноистражувачки проекти и да ги прими најквалитетните кадри кои ќе придонесат за развојот и афирмација на државата.

И сè уште се надевам дека некој конечно ќе се сети да преземе конкретни чекори за реална заштита на Охридското и Преспанското Езеро, а не само да се донесат т.н. стратешки планови, планови за управување и какви сè не други документи, базирани на нецелосни, непроверени и застарени податоци и тие претставуваат „мртво слово“. Се надевам дека конечно македонските научници ќе имаат можност да ги истражуваат овие две езера со реална финансиска поддршка на македонските институции, а не единствено поддржани со нивниот огромен ентузијазам да ги осознаваат научните вистини.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема