Сара Срезовска од Битола, магистер по правни науки од областа на човекови права и демократија, е добитник на стипендија од Фондацијата „Тома Фила“.
Уште во текот на моето средно образование во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола се насочив на општествените науки, па оттука се јави мојата желба да се запишам на Правен факултет. Го одбрав Правниот факултет во Битола, од причина што јас сум од Битола и самото тоа влијаеше врз мојата одлука.
Во текот на моите четиригодишни додипломски студии максимално му се посветив на факултетот и вложив многу труд, па тоа вроди со плод, поради што постигнав и висок просек, кој пак ми донесе Пофалница за најдобар студент на генерација, која Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола секоја година им ја доделува на најдобро дипломираните студенти за таа академска година.
За стипендијата на Фондацијата „Тома Фила“ првпат дознав кога се запишав на Правниот факултет во Битола. Уште тогаш кај мене се роди желба, кога ќе ги исполнам условите, да поднесам апликација со цел да станам стипендист на фондацијата. Оваа желба кај мене се јави со оглед на тоа што таа стипендија е единствена од ваков тип во нашата држава, се доделува само во Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, а воедно Тома Фила е еден од најпознатите адвокати на просторите на поранешна Југославија и пошироко и важи за адвокат кој се соочил со најспецифичните и најинтриганти предмети на ова поднебје. Сметам дека од Тома Фила може многу да се научи, привилегија е да се запознае таков експерт од областа на правото, а особена привилегија е да се слушнат неговите ставови и размислувања по однос на најразлични правни прашања со кои се соочува нашето општество.
Бев пријатно изненадена кога мојата замисла да станам стипендист на оваа фондација се оствари. Среќна сум што сум дел од една ваква успешна приказна, која веќе одреден период успешно се реализира во нашиот град. Ова е одлична можност за стручно усовршување во областа и поддршка за почеток на успешна и плодна кариера. Сакам да им порачам на сите студенти дека упорноста секогаш се исплаќа и да ги следат своите амбиции и соништа.
(Комерцијална објава)