X
 29.05.2023 Живот

100 млади лица ќе се стекнат со работно искуство преку практикантската програма на НМСМ

Сто млади лица ќе имаат можност да се стекнат со практично работно искуство во времетраење од два месеца преку практикантската програма на Националниот младински совет на Македонија – НМСМ.

За да учествуваат во програмата, младите едноставно треба да се пријават дека се заинтересирани за практикантство, потоа НМСМ ќе дејствува како посредник помеѓу нив и правните субјекти, односно ќе селектира соодветен практикант согласно потребите на правниот субјект.

Практикантите што ќе се вклучат во програмата ќе добијат месечен бруто-надоместок во висина од 150 фунти, а воедно ќе се стекнат и со нови вештини, знаења и компетенции. Сите млади што се заинтересирани за практикантство треба да имаат регистрирано профил на платформата CareerHub и да го пополнат формуларот достапен на овој линк, најдоцна до 18 јуни 2023, до полноќ.

За да учествува во програмата, практикантот треба да биде на возраст од 15 до 29 години, додека пак условите и обврските се тој да не биде во редовен работен однос, да има завршено најмалку основно образование и да може да извршува практикантска работа во времетраење од два месеца во назначениот правен субјект. Практикантството може да се реализира во период од јули до крајот на 2023 година, но двомесечната практикантска работа мора да биде непрекината во текот на двата месеца.

Сите правни субјекти (претпријатија и граѓански организации) што сакаат да бидат дел од практикантската програма и да работат со практиканти, можат да се пријават со пополнување на формуларот достапен на овој линк. НМСМ ќе обезбеди соодветен практикант, а ќе го покрие и месечниот бруто-надомест од 150 фунти месечно во времетраење од два месеца за практикантот.

Националниот младински совет на Македонија – НМСМ ја воведува практикантската програма по втор пат. При првото спроведување на програмата таа резултира со вработување кај дури 70% од практикантите.

Оваа програма е дел од проектот „МладиХаб – надминување на нееднаквоста помеѓу младите“, кој го спроведуваат НМСМ и мрежата Стела, со финансиска поддршка од страна на Британската амбасада во Скопје. Целта на проектот е да ги поддржи и поттикне девојките и младите жени да бидат поактивни во општеството, да креира поеднаков пристап до можностите во јавниот живот, во приватниот сектор и во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво. За реализирање на оваа цел, покрај програмата за практикантство, спроведени ќе бидат повеќе активности, кои меѓу другото вклучуваат и програма за кариерно советување, која веќе е започната и досега опфати над 30 лица, како и програма за менторство за девојките и младите жени од средните училишта.
Сите информации за практикантите се достапни во „Повикот за практиканти“, додека сите информации, условите и бенефициите за правните субјекти од учеството во програмата се достапни во „Повикот за правни субјекти“.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот