Покрај универзумот, водата е единствена средина која ти овозможува да бидеш во бестежинска состојба. Кога ќе се искомбинира бестежинската состојба со одењето во непознатото, целосното осознавање на себеси, како и со осознавање на еден од клучните елементи на природата што ни дава живот, тоа е навистина посебно доживување, барем за мене, вели Симона
Симона Трповска се спушти на длабочина од 102 метри во Црвеното Море во Египет и постави македонски рекорд во техничко нуркање. Имаше средби и со ајкули.
- Средбата со ајкула не е нешто необично. Тоа е нивниот дом кон кој треба да се однесуваме со почит - вели Симона.
За подвигот таа интензивно се подготвуваше една година, а имаше и тренинзи со искусен инструктор од Египет, кој воедно го држи светскиот рекорд во длабинско нуркање. Таа е рекреативен нуркач од 2007 година, а со техничко нуркање почнала да се занимава од минатата година. Симона Трповска води сопствена фирма за консалтинг и пристап до финансии, а нуркањето ѝ е големо хоби на кое, исто така, му пристапува многу сериозно.
- Уште од тинејџерски години работам на својот личен раст и развој и сакам да се предизвикувам себеси на различни нивоа. Промената кај еден човек настанува кога ја има правата комбинација на удобност и неудобност. Од аспект на овој предизвик, удобноста беше мојата љубов кон водата и нуркањето, довербата кон инструкторот и интуитивниот потврден одговор дека можам да го остварам предизвикот. А неудобност беше длабочината на која никогаш не сум била и интерните несигурности со кои се соочував пред предизвикот. За мене, нуркањето е спорт кој ми овозможува да остварам подлабока врска со себеси и да се запознам од друга перспективна со сите мои позитивни и негативни страни. Способноста да стигнам до 102 метри и назад во целосен баланс со себе, а тоа значи во баланс со сите: емоции, мисли и сетила, за мене значеше надминување на моето досегашно јас и преминување во некоја нова верзија од себе - ни изјави Симона.
Контактирала со повеќе инструктори за да се предизвика на овој подвиг, меѓутоа, најголем впечаток ѝ оставил Ахмед Габр, инструктор од Египет кој воедно го држи Гинисовиот рекорд за најдлабоко нуркање од 332,5 метри.
- Подолго време ја следев работата на Габр и го забележав неговиот систематски пристап, што беше основа за да воспоставам комуникација со него. Дополнително ме фасцинираа неговата смиреност и неговата едноставност. И покрај сите големи постигнувања, тој е многу човечен и приземјен. Тој секојдневно учи и се надградува во доменот на техничкото нуркање. Истовремено работи на проекти за конзервација на океанот. Сето ова за мене е инспирација и мотивација да продолжам со техничкото нуркање, но и да направам придонес за заштита на океаните. Истото го правам преку проектно работење на одржливи проекти, меѓу кои имам проекти и во делот на сината економија, што е воедно и моја професија - истакнува Симона.
Кога сте целосно поврзани со себе, нема ситуација што ќе ве извади од колосек
- Подготовките за техничко нуркање изискуваат подготовка на неколку нивоа: физичка спремност - треба да одржуваш кондиција на телото и да си во можност да подигнеш тежина над вода од околу 50 килограми. Континуираната активност е основа за да можеш да го оствариш тоа. Психичка спремност - треба да си во можност да влезеш во медитативна состојба. Тоа се постигнува со медитација и вежби за дишење. Подводни вештини - треба да си спремен да се справиш со сите можни итни сценарија што можат да се појават во вода: протекување на гас, дефект на опрема, проблеми со тимот итн. Сето ова се вежба на различни длабочини за време и надвор од тренинзите за техничко нуркање кои се состојат од повеќе нивоа - ни објасни Симона.
На прашањето како го опишувате движењето под вода, таа вели:
- Покрај универзумот, водата е единствена средина што ти овозможува да бидеш во бестежинска состојба. Кога ќе се искомбинира бестежинската состојба со одењето во непознатото, целосното осознавање на себеси, како и осознавање на еден од клучните елементи на природата што ни дава живот, тоа е навистина посебно доживување, барем за мене. Убавината под вода е што секогаш сум присутна во моментот и се соочувам со сите нешта што ми се случуваат на смирен и конструктивен начин. Истото научив да го применувам и во секојдневието. Целите си ги поставувам надвор од водата, а во водата, по сите завршени подготовки, само уживам. Дури уживав и во ситуација кога бев соочена со истекување на гас од боцата што моментално ја користев. На почеток се појави егзистенцијален страв. Но веднаш го совладав и почнав со примена на разработено резервно сценарио. Кога сте целосно поврзани со себе, нема ситуација што ќе ве извади од колосек, веднаш знаете што да правите - посочува таа.
Целосен мир и баланс
Дополнува дека единствена пречка под вода можеме да си бидеме самите.
- Тоа е во секој домен на животот. Кога ќе се одлучиме за одреден чекор, не постојат пречки, само различни патишта кон реализација. На првиот обид за стигнување до минимум 100 метри имавме предизвик од природата, долно струење кое оневозможи остварување на целната длабочина. Не се откажав, се одлучив за втор обид по неколку дена, кој резултира со успех. Дел од успехот е и способноста да останеш во целосен баланс со своите мисли и емоции и да си свесен за сите сензации во твоето тело. Ова е од особена важност во процесот на враќање на површина бидејќи поради преголемата сатурација на гасови во телото, како резултат на притисокот (нешто повеќе од 11 бари на 102 метри), нема можност за брзо излегување на површина без фатални последици. Во дел од секунда, кога погледнав нагоре од 102 метри, се запрашав: „Можеш ли да го совладаш процесот сама!?“ Си одговорив: „Секако дека можам!“ Се вратив во баланс и тргнав кон површината – ни споделува Симона.
Какво е чувството на 102 метри?
- Целосен мир и баланс, вели таа и додава дека не сака да зборува за своите следни предизвици, туку би сакала да постави предизвик за секој еден што ќе го прочита ова интервју во облик на прашање: Доколку би направиле 1 чекор денес, колку и да е мал, што ќе придонесе кон промена, кој би бил тој? - вели Симона.
Фото: приватна архива