Koлку пати имаме заклучено дека здравјето е најважно? А здравјето не е само вежбање и свежо цедени сокови, туку и можностите што ги нуди некоја земја. Така што, ако сте подготвени да се преселите, оваа листа ќе ви помогне да изберете.
Швајцарија
Земјата на сирењето, чоколадата и часовниците секоја година се појавува на листата со најздрави и најсреќни земји во светот. Природната убавина, спојот на културата, удобните животни услови и финансиската стабилност создаваат начин на живот што е прилично здрав. Швајцарците се опуштени, здраво се хранат, а до сите природни убавини можете да дојдете релативно едноставно бидејќи во оваа земја постои одличен јавен превоз. Исто така, не е лошо да се нагласи дека швајцарскиот пасош е исклучително моќен, па кога го имате, можете да одите каде што ќе посакате.
Фото: Getty Images
Исланд
Иако Исланѓаните мора да се справат со долгите зимски ноќи, од друга страна, може да уживаат во прекрасните лета кога денот практично никогаш не завршува. Така летото е резервирано за забава, па во подоцнежните часови се одржуваат спортски манифестации, разни фестивали и луди забави. Исто така, станува збор за земја во која нема криминал, писменоста е на 99 отсто, а голем плус е што нема комарци. Со сето тоа, Светскиот економски форум го прогласи Исланд за најдобра земја кога станува збор за рамноправноста на половите.
Фото: Getty Images
Шведска
Исто како Швајцарците, и граѓаните на Шведска секоја година се меѓу најсреќните и најздравите на планетата. А како не би биле? Здравството им е одлично, гарантирани се најмалку пет недели годишен одмор, образованието е бесплатно, а породилното трае 480 дена. Дали треба да се додаде нешто? Иако времето не е најдобриот сојузник, на Швеѓаните тоа не им пречи, па го користат за долга скијачка сезона, лизгање на мраз, хокеј, но уживаат и во прошетките и трчањето. Кога ќе дојде лето, главните спортски активности се кајакарење, пливање, одење на пикник итн. Освен тоа, Швеѓаните се либерални и толерантни.
Јапонија
Веројатно технолошки најпоткованата држава во светот со исклучително силна економија не може да биде непожелно место за живот. Исто така, Јапонците можат да се гордеат со нивната исклучителна култура, па Јапонија е дел од голем број списоци на Светското културно наследство. Билансот и спојот од технологијата, историјата, уметноста и силните семејни врски ја прават Јапонија една од најздравите земји во светот. Додајте ги уште здравата исхрана и борачките вештини и можеби ќе сакате да се преселите во оваа земја.
Фото: Getty Images
Италија
Држава чии жители во просек живеат 83,4 години. Италијанците ќе ви кажат дека доживуваат длабока старост поради здравата исхрана - како и не би се хранеле здраво кога сите имаат баба што готви фантастично? По завршувањето на оброкот дружењето на семејната маса продолжува. Работната недела во просек трае 36 часа, а во неа се наоѓа време и за ручеци и за пиење кафе, што придонесува за зближување на луѓето. За културата во Италија е излишно да се зборува - кој било град да го посетите, тешко дека нема да се фасцинирате, а природата не е ништо помалку убава.
Фото: Getty Images
Австралија
Повеќето луѓе во Австралија живеат на брегот или барем во негова близина. Со оглед на климата, морските радости и тоа како се користат, сонце има во изобилство, а не недостига ни здравата храна. Австралискиот начин на
живот подразбира да се помине голем дел од денот во природа, така што на тој што сака авантура, сонце и море, одењето во „Land Down Under“ му се наметнува како логичен избор.