X
 07.04.2017 Здравје

Резултати од анкета: Здравството доби недоволен еден

Македонското здравство доби слаба оценка во анкетата која изминатите седум дена ја спроведе Fakulteti.mk. На анонимната анкета одговорија 1.122 читатели, кои дадоа оценка за нашето здравство, дел од нив ги напишаа своите скорешни искуства и дадоа мислења за тоа што итно треба да се промени за да функционира подобро.



На прашањето „Како го оценувате македонското здравство?“ - 76 отсто од анкетираните одговориле со 1 (недволно), а 14,5 отсто со 2 (доволно). Седумдесет читатели или 6,3 проценти го оцениле до 3 (добро), 23 или 2,1 процент со 4 (многу добро), а 12 или 1,1 процент со одлично.

Од учесниците во анкетата 31,4 проценти се лекуваат приватно, а 68,6 отсто лекарските услуги ги бараат во установи кои имаат договор со Фонд за здравствено осигурување и каде што се плаќа само партиципација.



Граѓаните имаат најразлични искуства од последните посети на лекар. Дел од нив имаат позитивно искуство и се задоволни од квалитетот на услугите кои ги добиле. Но, доминираат одговорите на прашањето со негативни искуства. Многумина одговориле дека имале лошо искуство, а некои од нив го оквалификувале како „катастрофа“.

Мислењата за лекарите се поделени. Еден дел се задоволни од нив, додека друг дел од анкетираните се жалат на односот на медицинскиот персонал.

Читателите кои одговориле на анкетата имаат забелешка на хигиената, непочитувањето на редот при влегувањето на лекар, долгото чекање за дијагноза или, пак, интервенција, преголемата административна работа која ја имаат докторите која го „јаде“ времето при прегледите, неможноста лесно да се добие термин за преглед, проблемите при отворање на боледување...

Издвојуваме дел од искуствата на анкетираните:

- Зависи од тоа каде сте биле на преглед. Имам различно искуство, од задоволително до никакво

- Имам позитивно искуство.

- Се лекувам и приватно и државно. Приватно за животно загрозувачки ситуации. Државната гинекологијата е за никаде. Во другите сектори има и прекрасни и страшни моменти, се зависи од луѓето кои работат.

- Многу лоши искуства имам. „Мој термин“ воопшто не функционираше, си се пикаа преку ред тие што имаа врски, лекарката не се ни замараше за мојот проблем, медицинските сестри беа некултурни.

- Ме прегледа професор, но се однесуваше како да е господ, арогантно и нељубезно. Недостасува човечки однос.

- Со врски или со среќа можеш добро да поминеш. Слаба организација, преголеми метежи, претрупани доктори со работа.

- Ужасни услови за пациенти и ужасни услови за работа на докторите.

- Здравството моментално функционира бирократски, односно се гледа да се задоволат „Мој термин“ и работите во картонот на пациентот, а се занемарува времето и негата што всушност треба да му се даде на некој пациент. Многу пати сум бил во ситуација да мораш да направиш какво било испитување и да ти препишат каква било терапија затоа што законот и нормативите бил такви, а не мислењето на лекарот и моменталната ситуација. Овде се наметнува и проблемот да не можат да ти дадат боледување само поради тоа што лекарот ја исполнил квотата за боледувања и покрај тоа што станува збор за ситуации каде што имаме сезонски болести како настинки, грип, алергии во даден период од годината. Друго искуство со лекување во државни установи е метежот кој си го правиме сите ние во пакет, само поради тоа што влегуваат луѓе преку ред на различни начини.

На прашањето „Што мислите, што најитно треба да се промени во македонското здравство?“ голем дел од одговорите гласат „се“, а некои го посочуваат и министерот. Анкетираните предлагаат да се поправат хигиенските услови, односот со пациентите како и вниманието кое го добиваат. Тие пишуваат за нова организација на здравствениот систем, мотивација на медицинскиот персонал, искоренување на недоследностите... Ви пренесуваме дел од предлозите:

- Организацијата. На прво место треба да е пациентот, а не компјутерот со термини. И најважно, на докторите да им се даде заслуженото место и статус во општеството, а не на политичарите, кои го уништија здравството.

- Автономија во функционирањето, политиката ги убива.

- Пристапот кон пациенитите, финансирањето на болниците, задржување на статусот, искоренување на корупцијата

- Да се укине здравствена партиципација и да се остави право на секој да одбере здравствено осигурување со осигурителни компании

- Доколку како општество не почнеме да го цениме медицинскиот персонал ќе се доведеме во ситуација да ни пропадне здравствениот систем заради недоволност и несоодветност на медицински персонал. Никој не треба да очекува соодветно државно здравство со персонал кој е крајно ниско платен и немотивиран, а потрошил дваесет и повеќе години во себеобразување. Тоа е основната причина за корупција во здравството. Ќе се доведеме во ситуација да нема кој да работи по новоизградените болници и да ракува со новонабавените апарати.

- Да се среди државното. Треба да се овозможи државата да плаќа и за приватно лекување. На пример ако се породувам во приватна болница државата да ми ги даде парите кои би ги платила за мене ако се породувам дрќавно, па јас ќе си доплатам.
Подготвил: Н.Ф.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје