Голем проблем во целата ситуација е тоа што многумина препознаваат вина кај девојките што на социјалните мрежи споделуваат фотографии, кои ги оценуваат за провокативни. На што се должи тоа? Што треба да се направи за да се случат промени, индивидуални и општествени?
Сериозно губење на самодовербата, страв, изолираност и повлекување од блиските и од друштвото се најчестите психички состојби со кои може да се соочи една млада девојка или жена по преживеана траума од јавно споделување на нејзината приватност и интима, како што е последниот случај со ставањето лични податоци и фотографии од малолетни девојчиња, но и од полнолетни девојки и жени во групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа „Телеграм“.
Психолозите алармираат дека ако навреме не се реагира, последиците можат да бидат сериозни, а од тие причини, психолошката поддршка во овие случаи е исклучително важна, особено во ситуации кога општеството и институциите бавно реагираат во заштитата на младите девојки и жените.
Голем проблем во целата ситуација е тоа што многумина препознаваат вина кај девојките што на социјалните мрежи споделуваат фотографии, кои ги оценуваат за провокативни.
На што се должи тоа? Што треба да се направи за да се случат промени, индивидуални и општествени?
За таа цел, група психолози беа меѓу првите што им понудија помош на девојките чии идентитети беа злоупотребени во групата „Јавна соба“.
Во оваа група, која се појави пред една година и имаше над 6.000 члена и следбеници, биле злоупотребени фотографии и лични податоци од стотина девојки, голем дел малолетни. Надлежните реагираа уште на ланските пријави, но случајот цела година остана во предистражна постапка. Пред неколку дена групата пак стана актуелна, по што таа беше затворена и беа уапсени 4 лица, а полицијата трага по други што стојат зад групата или ја искористиле за злоупотреба на приватни податоци. Паралелно со тоа почнаа и јавни сведочења на некои од жртвите, јавни критики за институциите дека не реагирале навреме, но и критики за жртвите дека сами се виновни.
Да не се банализираат овие случувања
Психологот Јасмина Јонуз вели дека многу девојки барале психолошка помош зашто биле сексуално вознемирувани на социјалните мрежи, на пример, уцена со интимни фотографии.
Вели дека иако секој случај е индивидуален, сепак, оваа состојба дефинитивно може да има големи последици врз психичкото здравје, односно може да биде трауматично искуство за дел од девојките.
- Последици како повлекување во својот дом, себеобвинување, намалена самодоверба, гнев, срам, страв се мошне чести психолошки состојби кај овие жртви - додава таа.
Јасмина Јонуз
Полезно е, според неа, да се работи на траумата, да се прави вербализирање на претрпеното, добивање емпатија, поддршка и чувство на безбедност и сигурност. Јонуз потенцира дека нема оправданост во судот на оние што препознаваат вина кај девојките во овој случај кои на социјалните мрежи споделуваат фотографии кои ги оценуваат за провокативни.
- Тоа е злоупотреба на личните податоци, насилство и вознемирување на жртвите. Затоа е потребно масовно информирање, психоедукација и зголемување на свесноста кај граѓаните што, всушност, е ова и колку сериозни последици може да има, со цел да се спречи ресоздавање на вакви групи. Ова е родово базирано насилство, сексуално вознемирување и повреда на човековите права и во никој случај не треба од пошироката јавност да биде банализирано и занемарено, што, за жал, понекогаш се случува - додава психологот Јонуз.
Жртвата не е виновна и не треба да се осудува
Доц. д-р Фросина Денкова-Зафировска, лиценциран психолог и системски семеен советник, вели дека интернетот и социјалните мрежи ја донесоа една од најзначајните промени во историјата на човештвото, промена која е незапирлива.
- Дали нашите профили на „Инстаграм“, „Фејсбук“ и на другите социјални мрежи кажуваат повеќе за нас отколку што сме свесни? Колку од фотографиите и текстовите што ги објавуваме ја откриваат нашата ментална состојба? Што стои зад самопрезентацијата? Колку е „здраво“ да се нема социјални мрежи во модерната ера? - прашува психологот Денкова-Зафировска.
Фросина Денкова-Зафировска
Според неа, првото нешто со што се соочуваат овие млади лица е срам и понижување.
Кога провокативна фотографија е испратена или постирана на некои медиуми, нема гаранции дека сликата ќе остане приватна. Како резултат на понатамошно споделување, но и вадење од контекст, фотошопирање, лицето на фотографијата често е засрамено и понижувано.
- Дополнително, овие лица неретко можат да станат и жртви на булинг во училишната средина. Постојат безброј приказни за млади жени кои споделиле фотографија со својот партнер или најдобра другарка, а подоцна биле малтретирани и уценувани поради тоа. Неретко се случува девојките да бидат нарекувани со вулгарни имиња лично и преку интернет. Се случува да бидат исклучени и етикетирани од другите. Губењето на пријателствата е една од последиците што се јавуваат во овој случај - објаснува таа.
Според неа, многу пати, особено кога интимните работи стануваат јавни, пријателствата се распаѓаат зашто пријателите често се дистанцираат од лицето кое е мета бидејќи се плашат дека исто така ќе бидат малтретирани.
- Токму поради тоа, сите овие настани се поврзани со појава на чувството на вина кај лицето на фотографијата. Тоа влијае и врз неговата самодоверба, оставајќи го да се чувствува ранливо и засрамено. Ова апсолутно не значи дека тие се виновни што биле жртви или напаѓани, туку дека треба да послужи како апел до сите млади да внимаваат какви фотографии постираат на интернет. Бидејќи малтретирањето, исмејувањето и срамот ескалираат, тинејџерите можат да почнат да се чувствуваат безнадежно, да станат депресивни и да се соочат со дополнителни психички тешкотии - додава психологот.
Посочува дека голем дел од одговорноста во овие случаи е на родителите, кои мораат да им објаснат на децата што се случува со содржината објавена на интернет.
- Средношколците честопати се чувствуваат осамени, изоставени, па дури и несакани од семејството или пријателите на училиште, па утеха бараат во просториите за разговор каде што можат да наидат на луѓе кои ќе им посветат внимание (сексуални предатори). Ова е крајно опасно однесување затоа што сексуалните предатори можат да го регрутираат детето разговарајќи со него, тоа почнува да им верува, а потоа тие ќе им кажат дека е сосема во ред да им испраќаат експлицитни пораки и слики. Како што напредува технологијата, децата сè повеќе се склони да се најдат во несоодветни ситуации и ризично однесување, што можеби не ги сметаат за опасни. Клучот е да имате отворена и искрена врска со детето - објаснува психологот.
Сепак, вели дека не се само родителите оние што се важен фактор на промена.
- Недовербата во институциите и системот, исто така, придонесува младите да бидат неми сведоци на сето она што им се случува нив или околу нив. За да се случат позитивни промени, потребен е спој на институциите (полиција, училиште), заедно со професионалците кои работат во областа на менталното здравје - додава психологот Денкова Зафировска.
Кога сакаш да кажеш НЕ, а ти велат да молчиш, тогаш зборувај најгласно
М-р Билјана Стојановска, лиценциран психолог, има искуство со лица што биле или се жртви на насилство или сексуално вознемирување во семејството или во работната средина. Посочува дека последиците врз психичкото здравје не се секогаш надворешно видливи.
- Најсилни лузни ќе се појават кај жртвите кои ќе ја потиснат траумата и ќе се повлечат, одлучувајќи поради различни причини да не зборуваат отворено, барем со психолог советник или психотерапевт. Траумата ќе излезе на површина преку секундарни симптоми или ќе премине во посттрауматско стресно нарушување. Исто така, и оние што не добиваат поддршка од социјалната средина и од значајните лица со кои се емотивно поврзани - објаснува Стојановска.
Билјана Стојановска
За таа цел, според неа, потребно е јакнење на самоподдршката, себеприфаќањето и самодовербата, справување со трауматското доживување и поддршка за личен раст и развој.
- Мојот совет е кога сакаш да кажеш НЕ, а ти велат да молчиш, тогаш зборувај најгласно - вели психологот Билјана.
Според неа, никогаш не посакуваме и не очекуваме да бидеме злоупотребени, но не можеме да го промениме туѓото однесување или да бидеме виновни, засрамени и одговорни на кој било начин за туѓото однесување.
- Потребно е освестување за границите помеѓу личната одговорност и туѓата. Тука спаѓа и разграничувањето на тоа што значи мој срам, а што е туѓо однесување. Не може да сум јас виновна кога друг ме повредува. Можам да ги истражам сопствените чувства, да ги зајакнам психичките сили и да побарам поддршка кога се соочувам со тешка ситуација - им порачува Билјана на девојките жртви од „Јавна соба“.
Причината за тоа што многумина препознаваат вина кај девојките во овој случај таа не ја гледа во „провокативните слики“ што тие ги објавиле на социјалните мрежи, туку во раното воспитување, култура, системот на вредности и предрасудите, како и молчењето кога треба да се зборува гласно за многу теми.