X
 30.05.2024 Наука

Кинески научници успеале да излекуваат дијабетес користејќи матични клетки

Во револуционерно медицинско достигнување, кинески научници и лекари првпат излекувале пациент од дијабетес користејќи клеточна терапија.

59-годишниот пациент, кој 25 години боледувал од дијабетес тип 2, се соочил со тешки компликации од болеста. И покрај трансплантацијата на бубрег во 2017 година, тој изгубил поголем дел од функцијата на панкреасот, што е клучно за регулирање на нивото на гликоза во крвта и бил зависен од повеќекратни дневни инјекции на инслуин.

- Мислам дека истражувањето претставува важен напредок во областа на клеточната терапија за дијабетес - изјави Тимоти Кифер, професор на Одделот за клеточни и физиолошки науки на Универзитетот во Британска Колумбија.

Светските истражувачи ги истражуваат трансплантациите на панкреасни островчиња како ветувачки алтернативен третман, првенствено фокусирајќи се на создавање клетки слични на островчиња од култури на човечки матични клетки. По повеќе од една деценија, кинескиот тим постигна значителен напредок.

Во јули 2021 година на пациент му била извршена трансплантација на клетки. Само 11 недели подоцна тој повеќе не побарал инсулин, а во период од една година неговата потреба од орални лекови за контрола на нивото на шеќер во крвта била целосно елиминирана.

Тимот, предводен од Јин Хао, водечки истражувач во болницата во Шангај Чангџенг, ги искористил и програмирал сопствените мононуклеарни клетки од периферната крв на пациентот. Тие биле трансформирани во „семенски клетки“ и било реконституирано ткиво на панкреасните островчиња во вештачка средина.

Јин истакна дека овој пробив е уште еден напредок во областа на регенеративната медицина, која ги користи сопствените регенеративни способности на телото за лекување на болести.

Кина има најголем број на луѓе со дијабетес на глобално ниво. Според Меѓународната федерација за дијабетес, земјата има 140 милиони луѓе со дијабетес, а околу 40 милиони од нив се зависни од доживотни инјекции на инсулин.

Доколку овој пристап на клеточна терапија се покаже успешен, Кифер вели дека може да ги ослободи пациентите од товарот на хроничните лекови, да го подобри здравјето и квалитетот на животот и да ги намали трошоците за здравствена заштита.

Извор: Interestingengineering.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука