Студентот Петар Краљевски од Скопје му подари илјада заштитни маски на Факултетот за електротехника и информациски технологии, каде што студира. Студентот во трета година на насоката Компјутерско-системско инженерство, автоматика и роботика (КСИАР) вчера му ги подари на деканот Димитар Ташковски.
Подарокот беше идеја на Петар, а се мотивирал од физичкото полагање на некои од испитите во јунската сесија.
- Во договор со деканатот на мојот факултет е избран дизајнот за нив, но за изработката се погрижи моето семејство, кое е производител на заштитни маски. Мотивацијата, пред сѐ, се должеше на физичкото присуство за полагање на оваа испитна сесија, кое беше планирано иако не се спроведе по сите предмети. Кога веќе сум донирал и на други места, си реков зошто да не донирам и на местото каде што го стекнувам моето знаење. Мојот факултет го заслужува тоа - вели Краљевски.
Петар смета дека секој студент, доколку има можност, треба да помогне, не само на својот факултет, туку и на сите сфери што го опкружуваат.