X
 30.07.2024 Живот

Ангела Мешкова, Виктор Мегленовски и Ева Зовиќ, добитници на „Инженерски прстен“, подготвени се за уште поголеми успеси

Ангела Мешкова од Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, Виктор Мегленовски од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје и Ева Зовиќ од Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје се добитници на признанието „Инженерски прстен“ и со нив разговаравме за значењето што го има оваа награда за нив, но и за нивните идни планови.

Ангела Мешкова: „Подобрувањето на квалитетот на животот е суштинска цел на секој инженер“



Го добивте признанието „Инженерски прстен“, горди ли сте на Вашиот успех и на тоа што некој го препозна и го потврди Вашиот инженерски потенцијал?

- „Инженерскиот прстен“ е најголемото признание што може да го добие еден тукушто дипломиран инженер во нашата држава. За мене тоа има огромно значење и особено ми е мило што сум добитник! Неговата тежина доаѓа со фактот дека нашиот труд и инженерски потенцијал се препознаени и ценети од врвни инженери, членови на двете најзначајни инженерски институции во Македонија (Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери), кои ми биле пример за успешни луѓе на кариерен план. Признанието од нивна страна ми е најголемата потврда дека сум на добар пат и дополнително ме мотивира да продолжам да се едуцирам, истражувам и да придонесувам за развојот на инженерството во Македонија. Тоа ми помага да воочам дека мојот досегашен вложен труд е навистина важен и потребен за подобрување на квалитетот на живот во нашето општество, што е суштинска цел на секој инженер.

Кои се Вашите планови во науката и/или во професијата?

- Во текот на моите додипломски студии на ФЕИТ, љубовта кон науката и инженерството постојано се зголемуваше, а за тоа се најзаслужни моите професори. Поттикната од многубројните разговори со нив, а и со моите колеги, продолжувањето на моите студии кон постдипломски дојде некако природно. Одличните резултати што ги постигнав на додипломските студии овозможија да се запишам на мастер-студии на ЕПФЛ, во Швајцарија, каде што сум во моментов. По завршувањето би сакала да продолжам академски да се надградувам, меѓутоа, не можам од сега да знам какви можности и предизвици ќе ми донесе животот.

Што би им кажале на младите инженери од Вашата област?

- Еден совет кој сакам да им го дадам на сите млади инженери: учете и истражувајте, несебично вложувајте во своето знаење - тоа секогаш ќе ви се исплати. Разгорете ги љубопитноста и инженерскиот дух во вас. Учествувајте во што повеќе проекти, работилници и конференции, бидејќи само така се стекнува искуство и се градат силни социјални врски со другите инженери од вашата, но и од другите инженерски дисциплини. За младите инженери од мојата област: се надевам дека разбирате колку е важен електроенергетскиот сектор и колку сте клучни за развој на нашата држава и на планетата Земја воопшто. Продолжете да работите напорно и посветено, да собирате искуства и да созревате како инженери за да може заедно да придонесеме за одржлив развој на нашата татковина!

Виктор Мегленовски: „Целта е да стекнете поголемо знаење“



Го добивте признанието „Инженерски прстен“, горди ли сте на Вашиот успех и на тоа што некој го препозна и го потврди Вашиот инженерски потенцијал?


- Ми претставува особена чест и задоволство што сум избран за носител на признанието „Инженерски прстен“. Среќен сум што мојата континуирана посветеност, труд и дисциплина за време на студиите на ФИНКИ се препознаени од страна на Инженерската институција на Македонија. За време на студиите, целта ми беше да стекнам што е можно поголемо знаење. Никогаш не целев да имам високи оценки затоа што сметам дека знаењето е далеку поважно од просекот. Сепак, ме радува тоа што мојата љубопитност и желба за учење резултираа во тоа да дипломирам како студент на генерација и да бидам избран за добитник на „Инженерски прстен“.

Кои се Вашите планови во науката и/или во професијата?

- Информатиката и софтверското инженерство се области кои константно се развиваат и менуваат. Јас сум на почеток од мојата кариера, но секојдневно се среќавам со нови технологии кои ги користам во работата. Иако моите главни интереси се вештачката интелигенција и науката со податоци, области кои интензивно се развиваат и бараат константно следење на новитетите, сакам да го надградувам моето знаење и да работам и на други области поврзани со компјутерските науки како инженерство на податоци, пресметување во облак и архитектура на софтвер. Сметам дека проширувањето на моите интереси кон повеќе области ме исполнува и ми помага побрзо и полесно да ги научам новите технологии, пристапи и концепти кои се клучни за раст на професионално ниво. Дополнително, вештачката интелигенција доведува до развој и потреба на нови професии и позиции, за кои сметам дека би биле интересни и предизвикувачки за мене, така што може да кажам дека мојот план е да ги проширувам знаењата во повеќе гранки од компјутерските науки во мој интерес, со ставање поголем фокус на областите поврзани со вештачката интелигенција и науката со податоци. Исто така, иако засега не размислувам за продолжување на моето високо образование затоа што сакам да се фокусирам на мојата кариера, не ја исклучувам можноста за продолжување на постдипломски студии во иднина.

Што би им кажале на младите инженери од Вашата област?

- Софтверското инженерство опфаќа голем број гранки и области. На младите софтверски инженери би им препорачал да истражат што е можно повеќе од нив, да најдат област која ги исполнува, гранка во која се пронаоѓаат и константно да го надградуваат своето знаење. Дополнително, да ја користат вештачката интелигенција и алатките што ги нуди за поефективно и поефикасно учење, истражување и завршување на работните задачи.


Ева Зовиќ: „Студентите да не се сомневаат во образованието во Македонија“



Го добивте признанието „Инженерски прстен“, горди ли сте на Вашиот успех и на тоа што некој го препозна и го потврди вашиот инженерски потенцијал?

- Ова престижно признание е потврда дека искрено вложениот труд, трудот кој потекнува од желбата за лично усовршување, вродува со плод. Голема чест и гордост е да се добие вакво признание од Инженерската институција, кое говори за трудот и сериозноста на младите луѓе кои решиле да ја следат инженерската вокација. Верувам дека ова признание ќе отвори перспективи за стручно усовршување и соработки во странство за подобрување на архитектурата во Македонија.

Кои се Вашите планови во науката и/или во професијата?


- Моите планови се најпрво да растам како професионалец – да стекнам квалитетно работно искуство и да се здобијам со овластувања од Комората на овластени архитекти и овластени инженери. Следно, целам да се работи кон препознавање на вредноста на целокупното наше архитектонско наследство преку научна работа. Во професијата се надевам дека ќе имам отворено и плодно поле за да бидам добар и совесен архитект кој ќе создава квалитетна домашна архитектура.

Што би им кажале на младите инженери од Вашата област?

- Своите колеги, идни млади архитекти, би сакала да ги уверам дека моменталните, секојдневни обврски и задачи сработени со посветеност, одговорност и внимание значат добар резултат во иднина. Работете кон тоа што верувате дека е вредно, залагајте се за премисите за квалитетна архитектура кои се изучуваат на факултет, ценете ја и искористете ја сестраноста на нашата професија. Би сакала да порачам да не се сомневаат во своето образование стекнато во Македонија и да веруваат во својата компетенција. Имајте големи планови за иднината, целете секогаш високо, но секогаш имајте повисоки очекувања од себе!

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот