Денеска и утре се одржуваат уписите на УКИМ. Матурантите најголем интерес покажаа за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство –ФИНКИ каде што во огромна колона чекаа за да ги поднесат документите.
Годинава на Правниот факултет во Скопје идните студенти ги поднесуваа документите само електронски преку „iknow“ системот, со што настана забуна кај студентите кој доаѓале од други градови мислејќи дека покрај тоа што ќе се пријават електронски истиот ден, треба да ги поднесат документите и директно на факултетот што го одбрале.
Продеканот за настава на Правниот факултет при УКИМ, д-р Бобан Мисоски, во врска со денешните уписи и интересот на идните студенти, за Факултети.мк изјави:
- Поради ковид-протоколите, до утре (31 август) до 16 часот попладне документите се поднесуваат исклучиво електронски преку „iknow“ системот. Студентите имаат време до утре до 16 часот да ги прикачат сите документи во случај нешто да згрешиле или не стигнале да го прикачат досега. Уписите се на 12 и 13 септември и тогаш треба да дојдат на факултетот со оригинални документи за да се запишат. В петок, 2 септември, ќе се објави прелиминарна листа согласно Конкурсот и има 24 часа за приговор, а конечната ранг-листа е на 7 септември. Најголем интерес има за правни студии, а интересот е речиси ист како и претходната година за политичките студии, односи со јавност и новинарство.
Д-р Бобан Мисоски, продекан за настава на Правниот факултет при УКИМ
Една од идните академски граѓани, Сара Ангеловска со нас сподели зошто го одбрала правниот факултет и како се снаоѓала со електронското поднесување на документите.
- Аплицирав на Правниот факултет, насока правни студии, бидејќи се гледам себеси како иден правник. Во врска со поднесувањето на документите, лесно се снајдов иако системот често паѓаше. Сега сум во исчекување на прелиминарните ранг-листи, кои треба да излезат на 2 и 7 септември, па потоа да ги однесам документите на факултетот.