X
 30.09.2017 Култура

Џек Николсон за животот, смртта, Њујорк и најважното – жените

Најверојатно кога би требало да се избере најголемиот шармер на сите времиња од Холивуд, мнозинството би се согласиле околу изборот – Џек Николсон.

Оваа холивудска икона е трикратен добитник на „Оскар“, го паметиме по маестралните улоги во некои од најдобрите филмови во историјата на Холивуд: „Лет над кукавичкото гнездо“, „Поштарот секогаш ѕвони двапати“, „Честа на Прициеви“, „Време на нежност“, „Кинески кварт“, „Сè за Шмит“, „Подобро не може да биде“, „Вештерките од Иствик“...

Иако сега е во пензија, откако се повлече од актерството поради проблеми со помнењето, Николсон сè уште е присутен во Холивуд како продуцент и режисер. Во филмската индустрија е повеќе од 60 години, а кариерата ја започнал во нискобуџетни филмови. Заедно со Мајкл Кејн, тој е единствениот актер што бил номиниран за „Оскар“ барем по еднаш во секоја деценија од 60-тите до 2000-тите.

Секогаш е насмеан и расположен, верен и посветен навивач на „Лејкерси“, вечен заводник и казанова, а истовремено и олицетворение на џентлмен и вистински модерен гуру од кого би можеле да научиме како да му пристапиме на животот лежерно и како навистина да уживаме во него.

Овој неверојатно симпатичен актер, кој неодамна наполни 80 години, без сомнеж е неверојатно инспиративна личност. Еве ги неговите ставови за животот, смртта, работата, совети за помладите генерации актери, но и за темата која за него е најважна – жените.

Кога во 1975 година го прашале за тоа колку му е тешко да се поистовети со своите ликови

„Иако е тешко тоа да се замисли, повеќето луѓе се слични во повеќето работи. Никогаш немав проблем да се поистоветам со ликот што го играв.“

За својата животна филозофија, во 1984 година истакнал само една работа


„Мојата религија, всушност, е да бидам непосреден, да живеам во сегашниот момент. Тоа е старо клише, знам, но тоа е мое клише.“

Подоцна, во 1998 година, Николсон имаше уште еден важен совет за животот

„Моето мото е: повеќе добра забава.“

Ниту за смртта не можеше повеќе да каже

„Јас сум Ирец. Размислувам за смртта постојано.“

За тајните на својата професија

„Режирав доста филмови со актери кои никогаш претходно не глумеле во филм, и тоа што научив да ги советувам беше: ако почувствувате некаков нагон во сцената, колку и да ви изгледа погрешно, следете го.“

Сепак, најголемата тајна ја открил дури пред десет години

„Секогаш обидувајте се да ги избегнувате интервјуата.“

За Њујорк и њујорчаните, после филмот  „Подобро не може да биде“

„Постои еден дел во њујоршкиот жаргон дека секогаш се еден чекор напред – обвини ме дека сум антисемит и веднаш ќе бидам Адолф Хитлер, ме разбирате?“

За вистината... и жените

„Лажете само двајца во вашиот живот: својата девојка и полицијата. На сите други кажувајте им ја вистината.“

Жените се толку важни во неговиот живот, што биле клучни и за неговата кариера

„Кога мажите би биле искрени, сè што прават и секаде каде што одат, сето тоа е да имаат шанса да гледаат жени. Голем дел од причината зошто станав актер се однесуваше на истото, но и на мене самиот.“

За крај, пред 20 години откри нешто клучно за својата личност

„Кога носам очила за сонце, јас сум Џек Николсон. Кога не ги носам, јас сум дебел и имам 60 години.“
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура