Анкетата на Факултети.мк за поскапувањата и подготовките за зимава која се најавува како најтешка по Втората светска војна покажа дека голем дел од Македонците се загрижени за преживувањето на студените денови.
Имено, поскапувањата и најавите за најтешката зима им влијаат на 65,3% од испитаниците, додека на 34,7% тие не им создаваат грижи.
Испитаниците истакнуваат дека најавите им предизвикуваат нервоза, анксиозност, излолирање и оттуѓување поради скратувањето на финансиите.
- Постојано сме во некој страв, дали ќе има струја, дали ќе ги вратат децата на онлајн настава, дали ќе има рестрикции... - наведува еден испитаник.
Граѓаните истакнуваат дека се анксиозни поради бомбардирањето со интензивни негативни информации и поради мислите како да се подмират сите режиски трошоци, а да не се скрати на храна, лекови и слично.
- Се чувствува кај луѓето поголема несигурност, сè поголем стрес, дел од луѓето се затвораат во себе, преминуваат на граница меѓу анксиозност и депресија. Стресот и стравот како ќе се помине зимата се секојдневна комуникација помеѓу сите луѓе - стои во еден од одговорите.
Друг испитаник истакнува дека сите апокалиптични вести влијаат лошо, анксиозно и дека тој и блиските живеат во страв за сопствена егзистенција и преживување.