X
 30.10.2021 Култура

Сликањето портрети е најголемата страст на Сандра Туфеска

Факултети.мк ги поддржува и промовира младите талентирани и креативни луѓе и со објава на содржина посветена на нивните активности. Да им помогнеме да го добијат заслуженото место во земјава и во светот. Ги охрабруваме сите млади таленти да се обратат во нашата редакција за да можеме да го покажеме нивниот труд пред пошироката јавност.

Сандра Туфеска од Демир Хисар е талентирана сликарка фокусирана на реализмот. Таа има 21 година, а веќе има голем број дела и успеси. Талентот, како што вели, го открила кога имала 15 години.


- На таа возраст решив да одам на професионални часови за да се едуцирам повеќе во областа на уметноста. Најмногу се пронајдов во уметничкиот правец реализам. Талентот успешно го развивам со мојата професорка Анкица К. Стевановска од Битола, академски сликар и иконописец - вели Сандра.



Иако млада веќе се промовирала со свои слики на заедничка изложба во Битола со школата за уметност АДАМС-АРТ под раководство на професорката Анкица К. Стевановска.


- Значаен успех што го постигнав во 2020 година е „Ново име“. Станав прво ново име за месец јануари. Проектот „Ново име“ ми даде шанса да го унапредам и истакнам мојот уметнички талент во јавноста во Македонија - додава Сандра.



Таа најмногу сака да црта и да слика портрети на луѓе, се стреми да го усоврши сликањето и максимално да го искористи својот талент.


Сандра смета дека во Македонија не се вложува во младите таленти. Таа вели дека дека државата треба да ги поддржува младите уметнички таленти и да има проекти и програми преку кои тие ќе можат да го развиваат талентот и да се усовршуваат. 



Уметнички слики и цртежи на Сандра можете да видите на нејзината фејсбук-страница „Сандра Туфеска-ART“.


Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура