Салвадор
Дали беше еден од најплодните уметници на дваесеттиот век ̶ пионер во авангардата, главен претставник на надреалистичкото движење, познато лице во високите кругови. Се занимавал со разни видови уметност: од сликарство преку филм и скулптура до осмислување брендови. Ви ги претставуваме десетте значајни дела од него што секој треба да ги знае.
1. „Сцена од кабаре“ (1922)
На 18-годишна возраст, Дали почнал да студира на академијата за уметност Сан Фернандо во Мадрид, каде се запознал, а потоа и експериментирал со нови стилови и техники. Во 1922 година ја насликал „Сцена од кабаре“, во текот на првата година на Академијата. Дури по неколку години, во Париз го запознал Пабло Пикасо. Меѓутоа, сосема е сигурно дека кубизмот пред тоа познанство извршил големо влијание врз него. На оваа слика, тешко може да се препознае стилот на Дали, од причина што таа го означува експериментирањето на овој уметник со модернизмот.
2. „Сместување на желбата“ (1929)
На прв поглед се чини дека е насликана со масло на платно. Всушност, ова дело е составено од маслен колаж и напечатена хартија (од некоја книга со раскази) на картон. Најверојатно, делото настанало на почетокот од аферата на Дали со Гала, сопругата на Пол Елијар, пионерот на надреалистичкото движење и идна жена на Дали. Ова уметничко дело кое во себе меша разни слики ги означува сексуалната анксиозност и длабоките стравови на Дали од изневерување.
3. „Златна доба“ (1930)
Експериментите на Дали со филмот претставуваат неистражена страна на неговата уметност. Во текот на неговата наобразба во Мадрид, Дали го запознал режисерот Луис Буњуел. Двајцата соработувале на краткиот филм „Андалузиски пес“ од 1929 година, а подоцна и на филмот „Златна доба“.
Во дослух со идеалите на надреализмот, филмот ги критикува буржоазијата и католичката црква. Исто така, во филмот се зборува и за надреалистичкиот манифест. Сето тоа предизвикало гнев кај маса гледачи, така што филмот бил забранет во Франција до 1979 година.
4. „Долготрајноста на спомените“ (1931)
Оваа слика најверојатно претставува еден од најдобрите примери од сликарството на надреалистичкото движење. Сликата го опишува времето претставено преку часовници кои се топат. На средината на сликата се наоѓа речиси непрепознатлив лик на човек кој лежи на голата земја. Дали ја насликал сликата на 27-годишна возраст. Ретко кое негово дело постигнало толкава популарност како конкретново.
5. „Телефон со слушалка од јастог“ (1936)
Во надреалистичкиот правец, потсвеста имаше фундаментално значење. Овој правец е изграден врз идејата дека местата, објектите и искуствата можат да бидат буквално претставени. Токму тоа сакал да го постигне со ова дело од 1936 година – споил две нешта кои наизглед се неспоиви. Дали направил повеќе модели на вакви телефони, меѓутоа секој телефон создавал непријатно чувство – што всушност била неговата идеја.
6. „Некрофилна пролет“ (1936)
Оваа слика е така насликана што се чини некомплетна. На левата страна се наоѓа машка фигура која седи во песокта, во далечината се гледаат неколку скромни куќи. Фокусот е во женската фигура која носи круна од цвеќиња и која се чини како да се крие зад еден чемпрес. Десната страна на сликата потсеќа на некоја нејасна халуцинација. Ова дело е вистински надреалистички пример и го отсликува преминот од реалистичен приказ во сферата на потсвеста и сонот.
7. Софа во облик на усните на Меј Вест (1937)
Меј Вест беше американска актерка и драматург. Таа имала неверојатна холивудска кариера што опфаќала дури седум децении. Дали никогаш јасно не ја потврдил фасцинацијата од оваа актерка, но нејзините усни му послужиле како инспирација за софата во облик на нејзините усни.
8. „Портрет на Пабло Пикасо во 21. век“ (1947)
Портретот на Дали на Пабло Пикасо истовремено е израз на почит и исмевање со неговиот колега. Дали несомнено го почитувал Пикасо и бил многу инспириран од неговата работа. Но, портретот го прикажува Пикасо како стар човек кој потсетува на ѓавол со змискиот јазик и старечката кожа што му се топи кај градите.
9. Бренд логото за Чупа Чупс (1969)
Меѓу другото, Дали се занимавал и со дизајнирање брендови. Во поодмината кариера, во 1969 година, го дизајнирал логото за Чупа Чупс, компанијата која тврди дека прва ги излислила лижавчињата. Чупа Чупс до денес го користи логото на Дали, а малкумина знаат кој стои зад овој бренд дизајн.
10. „Опашот на ластовичката“ (1983)
Неколку години пред смртта, Дали експериментирал со нови стилови. „Опашот на ластовичката“ е завршен дел од серијата дела инспирирани од теоријата на катастрофата на математичарот Рене Том. Ова дело симболизира болка и убавина, претставени со допадливи облици на виолончело и геометриски приказ на опашот на ластовичката. Дали верувак дека теоријата на Том е „најубавата естетичка теорија на светот“.