Поетиката на Пикасо е тешко одгатлива за неискусното око. Среќна околност е што авторот претежно користел информативни наслови за своите мајсторски слики.
Креаторот на
The Nerdwriter, Еван Пушек (Evan Puschek), во својата збирка видео-есеи го вметна и „прирачникот“ за „читање“ на сликите на Пикасо, но и воопшто на сите уметнички дела во сликарството. Во објаснувањето, тој вели дека процесот што води до разбирање на Пикасо поаѓа од интуитивното толкување (прв впечаток) кое се канализира преку дополнителни четири чекори:
1. Прв впечаток
2. Содржина
3. Форма
4. Историски контекст
5. Личен контекст на гледачот
Но, можеби постои и шести чекор, што Пушек го изведува од одговорот на прашањето на еден обожавател на видео-есеите на
Nerdwriter, којшто го прашал како тој ја разбира уметноста:
Добрата уметност се обидува да ти каже нешто за твојот живот. Конкретно ... твојот живот. Според тоа, да се разбере уметноста е процес на разбирање на себеси и vice versa. И во двата случаи, ти учиш со активно учество. Набљудувањето не е доволно, нити читањето или слушањето или размислувањето на темата. Од моја гледна точка, вклученоста значи (до)пишување. Идејата што долго време ми се провлекува низ видеата е дека ние учиме зборувајќи, не размислувајќи. Учиш кога нешто ќе артикулираш, а за тоа ти се потребни зборови, реченици и параграфи. Затоа, нурни се во себе, запиши го тоа што ти се врти во главата, па кога гледаш филм или набљудуваш некоја слика, забележи ги своите чувства од тој момент. Ќе се воодушевиш колку се нештата поврзани и наскоро ќе посведочиш прекрасни изблици.