Даниела Василева од Неготино, заедно со Никола Коцев од Лозово, победи на изборот за
најубаво украсена студентска соба кој Факултети.мк го спроведе со помош на читателите.
Даниела студира архитектура, а Никола - дизајн на мебел и ентериер и тие сето знаење и вештини од студирањето ги вложиле во уредувањето на малата собичка во студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во центарот на Скопје.
Даниела дојде да си го подигне ваучерот и ни раскажа како добила инспирација за да ја украси собата.
- Јас сум четврта година на студии и на почетокот не ги украсував собите, но минатата година, поради пандемијата, бев сама в соба, па некако дури и собата во студентскиот дом „Гоце Делчев“ ми се виде голема и решив да ја украсам. Некои од украсите си ги искористив и оваа година - ни објасни Даниела.
Таа и Никола буквално ја трансформирале собата во уметничко дело. Сами ги поткренале креветите за да имаат повеќе простор за складирање и сами си ги изработиле полиците и украсите.
- Најголем дел од украсите во собата ни се целосно рачно изработени од дрво. Со многу мерак ја украсувавме собата и навистина се потрудивме да ја направиме убава - истакна Даниела.
Трансформацијата на собата на Даниела и Никола