09.08.2019
Образование
Прекршочна за наставник од Неготино кој натерал матурант да решава задачи на натпревар во име на син му
Професор од Неготино наместо своето дете од трета година, на државен натпревар однел дете од четврта, кое решавало во име на синот на професорот. Матурантот освоил трето место. Реагирале родителите на матурантот, а за случајот биле известени и просветен инспектор и полиција. Од Државниот инспекторат за образование и од полицијата за МИА изјавија дека се запознаени со случајот.
- Во однос на натпреварот од електрострука на кој учествувале ученици и наставник од СОУ „Св. Кирил и Методиј“ - Неготино, Државниот просветен инспекторат има постапувано по реакција на група родители, во текот на јули 2019 година. Од Државниот просветен инспекторат констатирани се повреди кои ги сторил наставник, менторот на учениците, издаден е прекршочен платен налог за наставникот согласно Законот за средно образование, кој се однесува на психичко малтретирање на ученик и тој е реализиран - велат од Инспекторатот.
Со записник било констатирано дека е известено и МВР. До училиштето од страна на Државниот просветен инспекторат било дадено и укажување со записник да се поведе дисциплинска постапка против наставникот. Портпаролотот на СВР Велес, Верољуб Додевски, за МИА рече дека на 29 јуни 2019 година неготинската гимназија пријавила таков случај и се работи на расчистување.
Извор: МИА